21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николоски: Со многу работа, лична посветеност и жртва ќе помогнам ВМРО-ДПМНЕ да се соочи со предизвиците

Новоизбраниот потпретседател на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски преку објава на својот официјален фејсбук профил им се обрати на сите поддржувачи, притоа заблагодарувајќи им се на сите членови на Централниот комитет, на Претседателот на партијата, како и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ за можноста и, како што вели, привилегијата да застане на оваа функција.

„Да се биде дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е огромна чест и голем предизвик. Пред нас се големи предизвици, партијата мора да учи од минатото и да се подобрува за иднината. Тоа што беше добро треба да го продолжиме и надградиме, а од тоа што беше погрешно да се извлечат поуки, да не се повторат грешките“, пишува Николоски во рамки на својата објава.

Во неа, тој исто така нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во исклучително тешки моменти, затоа што во тешки моменти е и Македонија.

„Несериозниот однос кон клучните национални прашања, целосното непознавање во економијата, прогонот на неистомислениците и притисокот врз правосудниот систем и слободоумната јавност од актуелната Влада на СДСМ и коалицијата се работите на кои силно мора да се спротиставиме. Во следниот период ќе создадеме политики кои ќе ја одразуваат реалноста, но и желбите на македонскиот народ во каква Македонија сака да живее, ние сме партија на народот и секогаш ќе го слушаме неговиот глас. За тоа да се постигне потребно е и силно партиско реорганизирање, силни месни и општински комитети се срцето на партијата, треба да се препознаат слабостите и да се работи на нив, треба и да се наградат успесите и да се стимулираат“, наведува во пораката на фејсбук новоизбраниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот, Николоски додава дека патот до целта нема да биде ниту лесен, ниту краток, но изрази ветување за многу работа, лична посветеност, жртва и пример со држење до идеалите и принципите.

На Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржа синоќа, покрај поранешниот пратеник Александар Николоски, за потпретседатели на партијата беа избрани и ексминистерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски и актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев.

Спонзорирано: