13.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Веро“ тврди дека работничката го прекршила договорот за работа

Компанијата „Веро“ ги демантира обвинувањата на работичката Кети Лешко, која денеска на прес-конференција рече дека бесправно била избркана од маркетот „Веро 5“.
„’Веро’ е социјално одговорна компанија, која е присутна на македонскиот пазар веќе 20 години и многу добро ги познава и целосно ги почитува овдешните закони и правните рамки на работењето и грижата за вработените. Во ниту еден случај компанијата не би дозволила нивно повредување“, тврди компанијата.
Како што се наведува во соопштението, компанијата нема направено никакво прекршување на правната процедура. „На вработената ѝ е прекинат менаџерскиот договор поради сериозно прекршување повеќе правила и процедури на работењето. Со непрофесионално однесување, неетичен однос и злоупотреба на позицијата раководител кон вработените на кои таа им е претпоставена прекршени се повеќе членови на договорот што таа го има потпишано. И покрај сериозното нарушување на компаниските пракси и политики, а имајќи ја предвид нејзината семејна ситуација, ѝ беа понудени три алтернативни решенија за вработување, што таа ги одби“, тврдат од „Веро“.
„Во маркетите ’Веро’ секогаш го имаме предвид интересот на повеќе од 1.000 наши вработени, како и темелно почитување на законите и регулативите во Македонија“, се додава во соопштението.
Избрканата работничка Кети Лешко обвини дека била отпуштена додека била на боледување, а отказот го добила усно на 5 јануари. „Кога ми заврши боледувањето, отидов на работното место, при што ми беше кажано дека нема потреба да доаѓам повеќе и дека немам образ бидејќи лажам за дијагнозата на моето дете. Веднаш потоа од маркетот ме изнесе обезбедувањето“, рече Лешко.
Спонзорирано: