13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Под лупа одлуките на МРТ за музичките субвенции

Во врска со објавените резултати и одлуки на МРТ по објавениот конкурс според Законот за поддршка на домашната музичка продукција, Министерството за култура информира дека минатата година беа извршени јавни консултации со повеќе засегнати страни од кои произлезе заклучок дека Законот треба да се укине.
„Министерството за култура подготви предлог-закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, кој со допис го достави и побара мислење и од МРТ. Во таа насока, на 27 декември Министерството за култура доби позитивен одговор од МРТ, во кој се вели дека МРТ ќе се ослободи од обврската што не влегува во нејзината основна дејност и работењето утврдени со Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Со овие одлуки на МРТ, објавени на 5 јануари годинава, се создаваат дополнителни непредвидени финансиски импликации и долгови врз буџетот за култура, се вели во соопштението.
Во моментот Министерството за култура ги анализира финансиските импликации со кои ќе се оптовари буџетот. „Факт е дека Законот е сè уште во сила и дека МРТ засега постапува по него сè додека Собранието не го усвои предлогот на Министерството за култура да се укине. Но, Министерството за култура ќе преиспита дали овие одлуки на МРТ донесени на 5 јануари за конкурси што се поврзани со програмата и буџетот од минатата година се валидни и во согласност со законските прописи.
Министерството за култура до Владата веќе го поднесе предлог-законот за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција со клучни аргументи дека овој Закон не придонесе за зголемување на квалитетот ниту, пак, донесе до напредок и развој на музичката продукција и индустрија.
За жал, повеќето од композициите воопшто не наидоа на прием, ниту беа слушнати од пошироката јавност, а не беа ни промовирани и емитувани интензивно на македонските радија и телевизии. Речиси на сите објавени резултати по конкурсите, кои се инаку квартални во една година, имаше големи реакции во јавноста – дека се финансираат неквалитет и шунд и дека овие конкурси се уште еден клиентелистички механизам за купување на наклонетоста и послушноста на одредени музички уметници“, се вели во соопштението.
Спонзорирано: