21.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Православните христијани го слават Бадник

Православните христијански верници денеска го слават Бадник, денот пред големиот празник Божиќ. Според Јулијанскиот календар, секоја година Бадник е на 6-ти јануари, а Божик на 7-ми јануари – прекрасни денови кога семејствата во хармонија ја очекуваат и прославуваат веста за Христовото раѓање.

Рано изутрината Рождеството Христово го најавија децата коледарчиња.

На Бадник, уште од самото утро во секоја куќа се слуша гласот на децата коледари, кои со коледарските песни за здравје и бериќет го симболизираат гласот на ангелите за раѓањето на Исус Христос. Домаќините им даваат костени, ореви, јаболка, круши, за да го зачуваат овој убав обичај кој се пренесува од колено на колено.

Бадник е празник за семејството. На овој ден не се оди на гости и сите треба да бидат во своите домови покрај најблиските. Според традицијата, вечерта целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која треба да биде празнична и богата, но задолжително посна.

Бадник го означува крајот на 40-дневните божиќни пости. Домаќинките приготвуваат тавче-гравче, риба, сарма, питулици, компири, а ставаат и овошје за трпезата да биде побогата.Обичаите се разликуваат во зависност од местото, но речиси на секоја трпеза присуствува домашна погача, лепче или популарно нареченото кравајче, во кое се става паричка. Домаќинот на куќата откако ќе се прекрсти го разделува лепчето на членовите на семејството, но притоа остава едно парче за Бога и едно за куќата. Се верува дека оној кој што ќе ја пронајде паричката ќе го прати здравје, среќа и успех во годината што претстои.

По вечерата, храната не се трга од масата, затоа што се верува дека Господ ќе дојде преку ноќта да се нахрани. Некои пак ја оставаат храната затоа што веруваат дека ќе дојдат духовите на оние кои повеќе не се меѓу нас.Бадник е ноќта на мирот, радоста и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Христос.

Денеска секое православно семејство во своите домови украсени со бадникови гранчиња симболично ја очекува веста за раѓањето на Исус Христос, а кога ќе дојде големиот празник Божик, ќе си честита со зборовите „Христос се роди – навистина се роди“.

Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Манифестацијата ќе почне со бадниковата химна што ќе ја исполни Силви бенд и со кревање на бадниковото знаме.

Спонзорирано: