9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Иринеј: Потегот на МПЦ, дело на неуки архиреи и политички договор на двоецот Заев-Борисов

Епископот бачки Иринеј за божикното издание на весникот „Печат“, зборува за неукиот потег на МПЦ, и на неканонската одлука на Бугарската Православна Црква, која се однесува на канонската јурисдикција на Православната Охридска Архиепископија.

„Пресудата на Европскиот суд за човекови права, основана на начелата на правото и правдата, треба да ја набљудуваме во светлината на јануарските денови од 2004 год., кога скопските власти ги апсеа архиерејите на Охридската Архиепископија, кога претепуваа монахињи, го запалија манастирот во Нижеполе, покрај Битола, упаѓаа ноќе во домовите на верниците, им се закануваа и ги шиканираа. Исто така, треба да ја согледуваме во светлината на низата монтирани судски процеси и страдања на самиот архиепископ Јован. Со оваа пресуда, скопските власти се осуетени за понатаму да не постапуваат така. Охридската Архиепископија, од севкупното Православие признатата канонска автономна Црква, која ја врши полнотата на спасоносната мисија и има поглавар, епископат, свештенство, монаштво и верници, сега е и полноправен субјект на јавното и граѓанското право. Тоа, и мене, и на сите нам, ни влева надеж дека Архиепископијата охридска ќе биде толерирана и барем декларативно рамноправна со расколничката црковна организација, која de facto (иако, не и de iure), ужива статус и привилегии на државна Црква“ вели Иринеј.

Во поглед на новонастанатата ситуација со Бугарската православна црква, чиј Синод ја прифатил улогата на Мајка-Црква, под чијшто скут „Македонската Црква” би се обидела да стекне легалност и автокефалност, Иринеј вели дека се работи за чиста фарса.

„Постапката на Црквата во раскол претставува преседан во вкупната историја на Црквата, а од стојалиште на православната еклисиологија и канонското право – чиста фарса. Кратка анализа и оцена, како на акцијата на таканаречената Македонска Православна Црква, така и на реакцијата на Бугарската Православна Црква, изнесов неодамна на страниците на „Вечерње новости”, а тука би се осврнал само на два аспекти – текстуалниот и политичкиот. Синодот на Бугарската Патријаршија, имено, – судејќи по словото и духот на неговото официјално соопштение, – експлицитно и недвосмислено не ја прифати улогата на „Црква Мајка”, ниту ѝ вети на „Македонската Православна Црква” канонско општење и признавање на автокефален статус. Наместо тоа, Бугарскиот Синод формираше комисија, која има за задача да помогне при решавање на проблемот на создадениот раскол, и тоа со консултација и во соработка со останатите Православни Цркви. Ми се чини, ова е границата на неканонско вплеткување во животот на друга автокефална Црква (Српската), која Бугарската Црква не може да ја помине, доколку не сака и самата себе да си го дозволи искуството на расколот со сестринските Цркви, искуство кое во својата историја веќе го имала, и тоа не еднаш. Не може да се избегне впечатокот а, има и непосредни сведочења од самата Бугарска Црква дека целиот потфат е мотивиран од политички, државно-национални цели, во духот на старата егзархиска теза за етничкиот бугарски карактер, не само на денешна Република Македонија, туку и на одделни делови на Србија и Грција. Со самото тоа, инспириран е, и поттикнат, по сè судејќи, од политичари и државни чинители од Скопје и Софија. Не знам, но не би се чудел, целото сценарио да е разработено на последниот состанок на двајцата премиери, Заев и Борисов, во Струмица, во режија, или, барем со активно учество на расколничкиот струмички владика Наум. Актерите и не кријат многу, дека нивните акции се политички координирани. Притоа, нив, се разбира, Црквата со своите канони, устројство и поредок, совршено не ги интересира. Нивната намера е чисто црковниот проблем да го решат со политичко насилство и со политичка цел. Со тоа „маѓепсаниот круг” се затвора: се враќаме на дамна изминатите децении, кога Комунистичката партија на Југославија ја основа таканаречената Македонска Православна Црква, за подоцна да ја дарува со фантомска автокефалност (документите за сето тоа веќе одамна се објавени). Проблемите нема да се решат со политичките договори на двоецот Борисов – Заев, и со неуката акробатика на поедини архиереји, кои инаку искрено и длабоко ги жалам, бидејќи вирусот schismaticum ги фрлил во долга духовна болест. Напротив, се плашам дека се оди кон нови поделби помеѓу верниците, не толку помеѓу оние од канонската Охридска Архиепископија, колку помеѓу оние, кои од незнаење или под влијание на пропаганда, припаѓаат на расколничките црковни структури“ посочува епископот бачки Иринеј.

Спонзорирано: