Во преполната сала на Центарот за култура во Битола, Камерниот оркестар на Битола, го одржа новогодишниот концерт насловен „Ladies symphony“, последен за оваа година.
На концертот заедно со Камерниот оркестар настапија: Наде Талевска, Лена Заткоска, Ирена Димовска, Марија Груевска и Ана Гаштарова со изведба на хитови од светски познатите пејачки имиња Ријана, Ејми Ванхаус, Алиша Кис, Емили Санде…
„Вечерашниот концерт е кулминација на успешната концертна година и настапите во повеќе македонски градови, фестивалот „Охридско лето“, но и гостувања во странство, пред се во Сараево и Ниш. Со исти амбиции ќе ја почнеме и новата година бидејќи планирани се настапи во Португалија и Хрватска, како и на фестивалот „Рок Вилиџ 2018“ во Банатски Соколац“, рече Владимир Димовски, диригент на камерниот оркестар.
Новогодишниот концерт на Камерниот оркестар на Битола е дел од новогодишната програма на општина Битола, која денес во 11.00 часот продолжува со детска програма, која ќе трае до 15.30 часот, а од 20.30 продолжува вечерната програма на плоштадот Магнолија.