3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Целта на Владата е до 2020 година да нема дете без покрив над главата

Премиерот Зоран Заев, по повод новогодишните празници, денеска се сретна со децата од СОС детско село и од Детскиот дом „11 Октомври“.

Во рамките на средбата, во Владата на Република Македонија, за децата беше организирана соодветна програма и претстава со популарниот Петко и неговите пријатели од популарната телевизиска емисија. Гостите на премиерот имаа прилика да ја разгледаат зградата на Владата и да се запознаат со нејзината работа.

За време на оваа посета, децата од СОС детско село и од Детскиот дом „11 Октомври“ имаа прилика да се дружат и да разговараат со премиерот Зоран Заев.

Претседателот на Владата на РМ во разговорот со децата истакна дека на истекот на 2017 година, една од своите последни работни средби во Владата ја остварува со нив за да ги слушне од нив нивните размислувања и предлози за подобра и посеопфатна грижа.

„Сакаме да испратиме порака дека секој е важен, посебно секое дете“, изјави премиерот Заев.

Тој напомена дека целта на Владата е до 2020 година да нема дете без покрив над главата и кажа дека во согласност со европските перспективи, децата ќе се вклучат во семејства каде што ќе се води комплетна грижа за нив.

„Ги следиме препораките на самите институции и убедени сме дека Македонија ќе биде посреќно општество за сите доколку децата се среќни и ја гледаат својата перспектива во Македонија“, рече Заев, кој доби и благодарница од СОС Детско село.

Директорките на СОС Детско село и на Домот „11 Октомври“ изразија надеж дека Владата ќе донесува одлуки во вистинска насока за грижа на овие деца.