4.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Сè што спроведе Владата на СДСМ во изминатите шест месеци

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, на прес-конференција реферираше за сè што сработила Владата во изминатите шест месеци, односно што спроведе од „Планот за живот во Македонија за сите“.

Тој рече дека од претходната власт наследиле заробена и изолирана држава, партизирани и нефункционални институции, срушен општествен и вредносен систем, а граѓаните турнати на маргините, осиромашени и обесправени. За само неколку месеци, додаде тој, државата им ја вративме на граѓаните.

„Уште во првите недели од мандатот значително ги намаливме непродуктивните трошоци, ја редуциравме фреквенцијата на задолжувања, ги сервисираме напластените долгови и пренасочуваме повеќе пари кон граѓаните. Обезбедуваме подобар животен стандард и еднакви услови за развој на бизнисот, малите и средни претпријатија. Економијата ја стабилизиравме, ги изедначивме условите за бизнис за домашните и странските компании и ја отворивме спиралата на раст на платите“, рече Кирацовски.

Тој рече дека во нивниот мандат зголемена е минималната плата на 12.000 денари, околу 3.500 стечајни работници денес добиваат надомест од државата во износ од 7.596 денари месечно, укината е радиодифузната такса, воведена е дневна евтина тарифа на електричната енергија, укинато е екстерното тестирање, а во тек на укинување се и казните од оценувањето на административните службеници.

Рече дека програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2017 година беа зголемени за 10 милиони евра, мерката Млад земјоделец беше зголемена за 4 милиони евра, дека за 23 пати се намали цената на државното градежно земјиште во 58 општини и дека обезбедиле 135 милиони денари за поддршка за малите и средни претпријатија и за поддршка на домашни гринфилд инвестиции.

Кирацовски, исто така, рече дека здравјето на граѓаните и здравата животна средина се во врвните приоритети на Владата предводена од СДСМ и дека наследените проблеми не се одолговлекуваат туку се решаваат.

Рече дека работат на изнаоѓање механизми за решавање на проблемот со рудниците и дека Владата изготвила сериозни мерки за борба против загадениот воздух.

Во врска со надворешната политика, Кирацовски рече дека денеска со гордост може да кажеме дека Македонија е позитивен пример во регионот и со исполнување на реформите цврсто чекори кон НАТО и ЕУ.

„Преку посветено спроведување на планот 3-6-9 ги отвораме перспективите на Македонија со реформи во клучните области како судството, администрацијата, Државната изборна комисија, медиумите, безбедносните структури“, рече тој.