11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Азески: Зголемувањето на конкурентноста на македонските компании е главeн предизвик и приоритет

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во своето новогодишно интервју објавено на интернет-страницата на Стопанската комора истакнува дека само со брзи и длабоки реформи Македонија ќе успее на патот кон одржлив раст и развој. Според него, нема време за реформи кои ќе ни покажат дека треба да правиме реформи.

Азески, по долгогодишната транзиција, македонската економија денес ја оценува како економија зависна од увозот и од штедењето, со висока изложеност на надворешни фактори на ризик и без значајни предности, кои овозможуваат избегнување закани и искористување на потенцијалните можности.

„Македонија, денес, по 27 години од осамостојувањето, со 5.237 долари номинален домашен бруто-производ на жител или со 4.980 долари национален бруто-доход на жител за 2016 година, според рангирањето на Светската банка, е на долната скала од земјите со повисок среден доход (земји што имаат БДП на жител од 4.036 долари до 12.236 долари). Македонската економија, по речиси три децении, не успеа да се искачи на погорните скалила од средноразвиените земји во транзиција. Обидувајќи се да не падне во стапицата на среден приход на почетокот на 90-тите, Македонија падна во стапица на транзиција, од која сè уште не може да излезе“, оценува претседателот на Стопанската комора.

Според него, она што стои во заднината на немоќната економска политика се нереформираниот јавен сектор и недоизградените институции.

На прашањето што треба да се направи за да се запрат негативните трендови во економијата и да се зголеми конкурентноста на македонските компании, Азески одговара дека клучен предизвик за 2018 година е да се запрат негативните трендови со рефокусирање на социјалната енергија, од услужни главно за домашниот пазар кон вистински инвестиции во производството во функција на раст на конкурентноста, односно производството и извозот.

„Македонија мора да продолжи со структурни реформи сè додека, дефинитивно, не се најде на патот на одржливиот развој, со конкурентно стопанство, компатибилно со стопанството на ЕУ. Во тој контекст, зголемувањето на конкурентноста на македонските компании несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што растот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија“, смета Азески.

Тој додава дека актуелната Влада на Република Македонија тргна во таа насока, што се потврдува со досега донесените или предложените развојни документи.

Понатаму, Азески истакнува дека само со брзи и длабоки реформи Македонија ќе успее на патот кон одржлив раст и развој.

„Развојната политика мора да се концентрира на решавање на темелните структурни проблеми, во кои основен приоритет е индустријализацијата. Во наредниот период Македонија мора да се сврти кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап кој подразбира динамичен раст на инвестициите, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста. Потребно е да се обезбеди и висока стапка на раст на извозот на стоки и вработување во индустриските капацитети. На таков начин ќе се создаде многу поатрактивен инвестициски амбиент за вложувања во преработувачката индустрија“, смета директорот на Стопанската комора.

Според него, долгорочната цел треба да биде постигнување на годишната стапка на раст од 4,5 отсто во услови на макроекономска стабилност, односно ниска и стабилна инфлација, одржливост на фискалната и платно-билансната позиција, стабилност на финансискиот пазар и на пазарот на трудот.

На прашањето колку Стопанската комора може да придонесе во постигнувањето на економските цели, Азески истакнува дека целта на Комората е преку конструктивни предлози да придонесе Владата паралелно со политичкото и нормативното приближување кон ЕУ, покрај неизбежната политика на фискалната консолидација и дисциплина, да се сврти и кон неопходните економски реформи за да обезбеди зголемување на економската база како основен фундамент за раст на извозот и вработувањето.

„Факт е дека сите позитивни работи треба да се почитуваат и да се развиваат и понатаму. Но, исто така, факт е дека констатираните слабости ќе мора да се менуваат во интерес на развојот и иднината на нашата економија. Затоа, Комората, секогаш со идеја како да се поправи системот, кој е во длабока структурна криза, а не да се критикува, давала и ќе дава предлози за мерки и активности во интерес на позитивното деловно опкружување за приватниот сектор“, истакнува Азески.

Спонзорирано: