13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ахмети: И опозицијата е заинтересирана за решавање на спорот за името

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во својата предновогодишна средба со новинарите кажа дека прашањето за името е проблем што бара решение бидејќи е пречка за зачленувањето во НАТО и ЕУ.

„Не може да се дозволи ова прашање да се бирократизира или политизира или да се користи прашањето за референдум и можни бескрајни дебати во парламентот за да се обесхрабри решавањето. Тоа треба да се реши со договор меѓу двете држави и двете влади, како што беше во 90-тите години за привремената референца. Се разбира дека тука треба да учествува и опозицијата за да се надминат разликите и да се ставиме во услуга на иднината бидејќи минатото на Балканот е болно и мора да се решава“, рече Ахмети.

Според претседателот на ДУИ, сегашната опозиција е заинтересирана за решавање на спорот за името, а ставот дека се за ЕУ и НАТО го реафирмирале и за време на конгресот. Ахмети посочи дека треба да се видат разликите во ставовите и дека без опозицијата, не може да се реши ова прашање.

Лидерот на ДУИ истакна дека комуницирал и со владејачките партии и со опозицијата и смета дека сите се за решавање на ова прашање.

„Како дел од конгресот на ВМРО-ДПМНЕ беше усвоена декларација за подобрување на односите помеѓу Македонците и Албанците за да се тргне предрасудата дека ВМРО-ДПМНЕ е антиалбанска партија“, рече Ахмети.

Тој на средбата со новинарите ја коментира и можноста за влегување на ДПА во Владата и посочи дека имало разговори на оваа тема и дека тие се отворени за соработка. Коментирајќи ги информациите и изјавите дека тој и ДУИ го уцениле премиерот Заев за излегување на „Алијансата за Албанците“ од Владата, Ахмети рече дека не влијаел за тоа лидерот на партијата Зијадин Села да одлучи да излезе од Владата.

Во врска со можноста за враќање на опозицијата во Собранието, Ахмети рече дека Владата е отворена за сите што сакаат да бидат дел од реформите и оти има комуникација меѓу Владата и опозицијата за нејзино враќање во Собранието и оти некои закони намерно се одложени, како што се договорот со Бугарија и законот за јазиците.

Спонзорирано: