9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Општина Центар за 2018 година изгласа буџет од милијарда денари

Буџетот на општина Центар за 2018 година изнесува 1.057.588.000 денари. Од Општината велат дека буџетот е развоен, а при изготвувањето се водела грижа за интересите на жителите, нивните барања и приоритети кои се вградени во буџетот по двата одржани буџетски форуми.

Советниците дадоа зелено светло и за големината на буџетот и за програмите за работа во 2018.

Во буџетот се предвидени средства за проектите „Центар се грижи за возрасните“; еднократна парична помош за новороденчиња; еднократна парична помош за социјално загрозени лица. Со цел да се промовира масовното вклучување на младите во спортот, да се поттикнува натпреварувачкиот дух и здравиот живот на младите, општина Центар ќе доделува стипендии за најталентираните млади спортисти. Стипендии и награди има и за најталентираните ученици и најдобриот образовен кадар.

Во буџетот за 2018 година се предвидени и рекордно најголеми средства за здрава животна средина, планирана е изградба на нови паркови и зазеленување. Општината ќе продолжи да ги стимулира граѓаните да користат велосипеди, продолжувајќи го проектот „Цел Центар на Точак“.

Од Општината наведуваат дека со оглед на тоа што греењето е најголем загадувач, општината заедно со БЕГ веќе започна подготовки за приклучување на топлификационата мрежа на населбата Маџир Маало. Составен дел на буџетот е и предлогот на коалицијата О2 за субвенционирање за купување на печки на пелети за ранливите категории домаќинства.

Продолжува изградбата на новото основно училиште во Капиштец и ќе се подобрува енергетската ефикасност во центарските основни училишта и детски градинки. Предвидени се средства и за изградба на монтажен паркинг, потоа реконструкција и модернизација на јавното осветлување, модернизација на ИТ системите на Општина Центар.

Во функција на решавање на најгорливиот проблем, загадувањето, планирани се средства за финансирање на програмата „Изработка на централен ИТ систем за поддршка на поздрава животна средина и намалување на загадувањето“.