12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Филипче: Нема инсулинска криза, лекот денеска ќе биде пуштен во продажба

Новиот министер за здравство Венко Филипче изјави дека во Македонија нема инсулинска криза. Според него, главниот проблем поради кој се јавува недостиг на инсулин е процедурата за набавка. Од Агенцијата за лекови, пак, во исто време информираа дека инсулинот бил дистрибуиран во земјава на крајот на ноември, но анализите на неговиот квалитет и други проверки траеле еден месец, а лекот денеска ќе биде пуштен во промет.

„Во моментот нема инсулинска криза. Се покри количината на потребни инсулини и во моментов има доволно, но ќе ја подобриме процедурата да не дозволиме во ниеден момент да има недостаток на тие лекови“, рече Филипче на првата прес-конференција откако стапи на министерската функција.

Според него, најголемиот проблем во набавката на инсулин е самата процедура која трае долго. Агенцијата за лекови денеска информира дека по извршениот квалитет на инсулинот кој бил дистрибуиран во земјава на крајот на ноември, во текот на денешниот ден е донесено решение за пуштање во промет на испитаните лекови и серии.

Од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) денеска информираа дека после доставено известување од страна на дистрибутер за пристигната пратка на инсулини (во последните денови од месец ноември), инспекцискиот тим на МАЛМЕД спроведе соодветен инспекциски надзор.

„При тоа инспекторите во тек на два дена направија детален инспекциски надзор над секое поединечно пакување и зедоа соодветни примероци за понатамошни испитувања. При првичниот инспекциски надзор, преку читање на дата логерите утврдено е дека производствената локација, наведена на надворешното пакување не е пријавена соодветно во Р.Македонија поради што беше побарано од дистрибутерот да ја дополни документацијата. Подоцна за истиот пропуст е поведена прекршочна постапка. После комплетирањето на целосната документација пристапено е кон понатамошни лабораториски испитувања на квалитетот на донесените серии инсулин во акредитирана лабораторија за испитување и контрола на лекови“, велат од Агенцијата.

Агенцијата на почеток од декември, водена од првичните неусогласености на документацијата со фактичката состојба на инсулините, достави првична информација до Министерството за здравство дека покрај комплетни лабораториски испитувања ќе спроведе и дополнителни мерки со кои ќе се утврди следливоста на сериите на лекови кои беа предмет на испитување. Временската проценка за комплетирањето на целокупните испитувања беше 20 до 30 дена.

„Во акредитирана лабораторија спроведени се соодветни квалитативни и квантитативни анализи за проценка на квалитетот. Контактирана е и турската агенција за лекови, од каде се побарани дополнителни информации. Сите превземени активности и резултатите од истите дадоа потврда за задоволување на безбедноста и квалитетот на испитуваните лекови. Поради тоа во текот на денешниот ден е донесено решение за пуштање во промет на испитаните лекови и серии“, велат од Агенцијата за лекови.

Од таму апелираат доставувачите наврмено да ги обезбедуваат потребните количини на инсулини и тие количини да бидат за подолг временски период од еден месец како би можеле да ги спроведеме сите потребни испитувања.

Дијабетичарите вчера упатија апел до премиерот Зоран Заев да преземе итни мерки да се реши проблемот со инсулинот. Според „Шеќерче – Лолипоп“ еден месец нема инсулин, што директно погодува околу 50.000 пациенти коишто мора да го примаат.

Спонзорирано: