17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Рочиштата за „Поткуп“ се класичен пример за заробено судство

Правосудството е во грч од енормниот притисок на СДСМ, регираат денеска преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

„Хунтата предводена од СДС ги деградира законите и правната држава. Додека рочиштата за луѓе од ВМРО-ДПМНЕ се процесуираат експресно, рочиштата за Заев се одлагаат и за повеќе од месец дена. Изговорите на Заев за неприсуствување на судски рочишта се потрошија, па сега на изговори го принудува судот“, стои во соопштението на опозициската партија.

Оттаму додаваат дека основен принцип на секоја судска постапка е ефикасност и ефективност, но, како што велат, тоа важи за сите само не за Заев.

„Случајот ‘Поткуп’ во кој Заев е фатен инфлагранти како бара поткуп се одложува во низа е класичен пример за заробено судство. Притисокот што го спроведува хунтата на Заев го доведува правосудството во апсурдни ситуации. Република Македонија нема повеќе независно судство“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека судиите се принудени да одлучуваат спротивно на законот.

„Судот е принуден да одлага рочишта за криминалот на Заев кој е видлив за целата македонска јавност. Од друга страна, под истата принуда ги извршува барањата за притвор на ОЈО произлезени од монтираниот случај за лицата од настаните од 27 април. Правосудните органи треба да знаат дека обврска на еден судија е да одлучува во согласност со законите и да одолее на притисокот независно на неговата големина. Република Македонија мора да биде демократска држава во која се почитува принципот на владеење на правото“, стои во соопштението на партијата.

Спонзорирано: