3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Турската заедница е конструктивен дел од нашето општество

Премиерот Зоран Заев придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, вчеравечер присуствуваше на јубилејното празнување на денот на наставата на турски јазик.
„Сведоци сме на континуираното вложување во развојот на билатералните односи помеѓу Македонија и Турција.
Воспоставеното пријателство помеѓу нашите две земји е несомнен пример за тоа како треба да се соработува во регионот и пошироко. Освен денешниот празник, Македонија и Турција секоја година одбележуваат значајни датуми поврзани со една од најзначајните личности во историјата на Турција – Мустафа Кемал Ататурк. Историските околности посакаа нашите две земји да бидат поврзани и преку ликот и делото на творецот на модерна Турција кој точно пред 118 години се стекна со диплома на воената гимназија во Битола, Република Македонија. Историјата спои држави и народи“, рече Заев.
Денес, кога Република Македонија гради едно општество за сите нејзини граѓани, додаде тој, припадниците на турската заедница се значаен и конструктивен дел од тоа наше заедничко општество.
„Соодветно на тоа, наши истакнати сограѓани од турската заедница го даваат личниот, значаен придонес во развојот на нашето мултикултурно и мултиетничко општество. Заедно со нив, посветуваме големо внимание на правичната и рамноправна застапеност на етничките заедници, вклучувајќи ја и турската, во јавната и државната администрација“, рече Заев.
Премиерот истакна дека годинава навршуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Турција и рече дека се надева наскоро дека ќе оствари посета на  Турција, по покана на премиерот Бинали Јилдирим.