11.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Собранието со 62 гласа „за“ го изгласа државниот буџет за 2018 година

Собранието, со 62 гласа, без гласови против и без воздржани, вечерва го изгласа Буџетот на Република Македонија за 2018 година.

Буџетот за 2018 година ја отсликува економската и социјалната политика на Владата, чија цел е стабилен економски пораст, подобар животен стандард, повисоко ниво на социјална правда како и ефикасно и домаќинско управување со парите на граѓаните, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски, за дополнетиот предлог-буџет за 2018 година, во своето експозе пред пратениците во Собранието, каде што пленарна расправата за буџетот се одвиваше без присуство на опозицијата.

Тевдовски за следната година очекува зголемување на приватната потрошувачка, како и на извозот, кои, како што рече, позитивно ќе се одразат на состојбите во економијата и порастот од 3,2 проценти.

– Предвидени се повеќе средства за клучните столбови во општеството, повисоки плати во здравството, образованието, армијата, повеќе пари за исполнување на стандардите за влез во НАТО, а предвидена е рестрикција во трошењето на непродуктивните трошења – рече Тевдовски.

Во однос на капиталните инвестиции, тој најави интензивирање на изградбата на инфраструктурните проекти и појасни дека ќе се обрне посебно внимание на забрзување на процесот на гасификација, за граѓаните да добијат поевтино греење и за почиста животна средина.

За задолжувањето, Тевдовски појасни дека тоа ќе биде од странскиот и од домашниот пазар на државните хартии од вредност. Задолжувањето на странскиот пазар ќе биде преку еврообврзница или преку поволни кредити.

Пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев рече дека во историјата на Македонија, по трет пат, буџетот, кој е најважен финансиски документ, се носи без опозиција.

– Жалосно е да дебатираме, бидејќи салата е празна. Опозицијата не тука за да дебатира за она што значи живот и опстојување на сите граѓани, без исклучок. Како парламентарно мнозинство, се надевавме дека опозицијата ќе смогне напори да учествува во дебатата. За првпат парламентарното мнозинство прифати шест амандамни на опозицијата, и затоа сега зборуваме за дополнет предлог-буџет. За првпат се носи буџет кој не е фиктивен, кој не е напумпан и не се однесува на изборна година. Буџетот е ослободен од непродуктивни ставки, така што капиталните расходи се однесуваат исклучиво на капитални инвестиции кои враќаат вредност – рече Тунтев и додаде дека со овој буџет се предвидува финансиска стабилизација на Македонија.

Извор: Мета.мк

Спонзорирано: