4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Собранието прифатило најмногу закони од Тунтев, најмалку од Димовски

Собранието на Република Македонија спровело 43 постапки за донесување или изменување закони. 14 од нив се донесени, 17 сè уште се во процедура, 3 од нив не се прифатени, а 9 се повлечени. Од нив, 13 се измени на постојни закони, а еден е нов. Мониторингот на „Мост“ е за периодот од 1 јуни до 30 септември.
Пратеникот од редовите на СДСМ, Томислав Тунтев, предложил најмногу закони во Собранието – 13. Од нив донесени се 8. По него, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, предложил 11 закони, од кои донесени се 2, а исто толку не се прифатени. Пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, предложил 9 закони и исто толку му се прифатени. Претставникот на „Алијансата за Албанците“ има 7 донесени закони.
„Карактеристика на овој период беа десетте продолженија на седницата на која како точка на дневен ред беше разрешувањето на јавниот обвинител во текот на јули. Седницата се одолжи главно поради продолжувањето на опструкцијата на работата на Собранието од страна на опозицијата. Во август Собранието беше на редовен одмор, а по враќањето, работеше до 25 септември затоа што на тој ден започна изборната кампања за локалните избори, кои се одржаа на 15 октомври 2017. Сите овие елементи несомнено имаа свое влијание врз работата на Собранието и неговата продуктивност во периодот на набљудување“, се наведува во мониторингот.
Според Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија, а во периодот на мониторинг, било предвидено да се донесат 8 закони за хармонизација на домашното право со правото на ЕУ. Била започната законодавната постапка за еден закон за хармонизација со правото на ЕУ, а тоа е законот за употреба на јазиците. Дополнително, извештајот на „Мост“ вели дека програмата предвидува донесување закон за изменување на Законот за минималната плата. Во овој период беше донесен таков закон, но тој не беше третиран како ЕУ-закон.
Во периодот 1 јуни 2017 – 30 септември 2017 година биле одржани 82 седници на комисиите, заедно со 15 продолженија, a усвоени се само 24 записници. Собранието одговорило на сите барања од „Мост“, при што невладината организација добила 24 усвоени записници од одржани 97 седници на 18 од вкупно 21 комисија. Комисијата за локална самоуправа и Комисијата за уставни прашања не одржале ниту една седница во периодот на набљудување. Постојаната анкетна Комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот започнала една седница, но таа не е завршена во периодот на мониторинг.