32.8 C
Скопје
25. јуни 2022
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Култура

Кинотека на Македонија: Проекција на филмот Ѓулчинар Илхами Емин

На 25 декември со почеток во 19 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи премиерата на документарниот филм Ѓулчинар Илхами Емин посветен на животот, уметноста и делата на турскиот поет, писател и човек од културата Илхами Емин. Филмот е во режија Исмет Арасан, додека, пак, оригинална музика во филмот е дело на Ердал Ѓунеј. Директор на фотографија е Мустафа Кемал Коркмаз-Танер Акчил, а илустратор е Динч Онур Ајдин.
Илхами Емин е турски поет, писател и новинар од Македонија. Роден е во Радовиш на 8 август 1931 година. Своето образование го почнал во Средно економско училиште во Скопје, а потоа дипломирал на Високата педагошка академија во Скопје, на отсекот Македонски јазик и книжевност.
Илхами Емин на Балканот е познат како еден од најстарите културни дејци, поточно како балканскиот чинар. Во литературните кругови е познат како ,,поетот на розата” бидејќи на зборот роза и` дал ново значање, особено поради употребата на метафората на розата во неговата поезијата. Исто така, Илхами Емин се смета за еден од изворите за културата, историјата на суфистичкото движење на Балканот.
Освен турскиот јазик, тој ги владее и македонскиот, бугарскиот, хрватскиот, српскиот и рускиот јазик. Започнал како учител во основното училиште ,,Тефејуз“, а потоа работел во весниците ,,Бирлик“ и ,,Нова Македонија“. Емин е основач и уредник на месечното списание ,,Сеслер“, а бил одговорен за турската редакција при МРТВ, како и во весникот „Бирлик“. Елхами Емин исто така бил директор на Турскиот театар во Скопје, како и потсекретар при Министерство за култура во Македонија.
Во неговата богата кариера се вбројуваат и преведувачките ангажмани за Јосип Броз Тито и  претседателот на Република Македонија, г. Киро Глигоров. Има објавено повеќе дела, како и драмски претстави кои биле поставени на сцената на Турскиот театар во Скопје, но исто така и ги превел делата на Евлија Челебија, ,,Основањето на Отоманската Империја“ на Ф.Копрулу, како и делата на Назим Хикмет, Орхан Памук, Ибн-и Рушт и Ахмет Јесеви.
Добитник е на повеќе награди,  меѓу кои е ПЕН награда во Македонија во 2011 година, како и ,,Награда за најдобар роман Кочо Рацин”  во 2012 година. За делото на Илхами Емин,  пом. доц. д-р Назли Рана Ѓурел и пом. поц. д-р Зеки Ѓурел во 2016 година ја напишаа книгата ,,Ѓулкаја“. Документарниот филм е поддржан од страна на Министерство за култура и туризам на Турција и македонското Министерство за култура.