11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев на средба со Чавушоглу: Македонија заслужува да влезе во НАТО

Претседателот на Владата, Зоран Заев, остварил средба со заменик-претседателот на Владата на Република Турција, Хакан Чавушоглу, информира владината прес-служба.
Во рамки на средбата, вицепремиерот на Турција посочил дека Македонија заслужува да биде земја членка на НАТО поради што ќе продолжи поддршката од Република Турција на НАТО аспирациите на Македонија.
Тој оценил дека  по изборот на новата Влада, Македонија влегува во стабилност, а заедно со Заев ја потврдиле определбата за унапредување на традиционално добрите пријателски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција, посебно во областа на економијата и трговијата.
„Република Македонија високо го почитува пријателството со Република Турција, коешто се рефлектира со голем број турски инвестиции во земјата, со соработка во одбраната, со МВР, во областа на образованието, културата и новата Влада таа соработка ќе ја унапреди во интерес на граѓаните на двете држави“, истакнал Заев.
Додал дека Македонија се развива низ реформи во општество кои се потребни за сите граѓани кои живеат во државата.
„Градиме пријателство со соседите. И се надеваме дека овие политики ќе отворат пат на евро-атлантските стратешки цели на Република Македонија во 2018 година“, подвлекол Заев.
На состанокот се разговарало за економската соработка и покачување на трговската размена, а изразена била и заедничка определба за политики во интерес на стабилноста и безбедноста на двете држави, но и на регионот и на светот, преку застанување на страната на мирот, против тероризмот и радикализмот.
Чавушоглу изразил благодарност до Заев за неговото лично учество во одбележувањето на денешниот национален ден на граѓаните Турци, Денот на настава на турски јазик.
Спонзорирано: