Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, се огласи на „Фејсбук“ во врска со информациите дека поднел оставка од органите на партијата. Попоски вели дека оставката ја поднел единствено од Извршниот комитет на ВМРО -ДПМНЕ, и тоа уште минатиот месец, по резултатите од локалните избори.
„Во однос на шпекулациите поврзани со партиските функции, би истакнал дека минатиот месец имам поднесено оставка само од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Оставката од ИК ја поднесов поради разликите во видувањата за изборните резултати, разликите за начинот на носење долгорочни одлуки и чувството дека тие водат кон внатрепартиски поделби, кои воопшто не ни се потребни. Ценам дека задржувањето единство и фокусот на повисоки цели мора да биде над чии било лични амбиции. Член сум во неколку партиски републички комисии, и тоа во комисиите за надворешни работи, за европски работи и за одбрана. Останувам посветен на задржување на единството меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ и реализација на заедничките цели во интерес на Македонија и нејзините граѓани,“ пишува Попоски.