29.8 C
Скопје
26. септември 2023
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Медиумите поделени во врска со евентуалните измени и дополнувања на Законот за медиумите

Медиумите во земјата се поделени во врска со идејата за можни измени на Законот за медиумите.
На денешната дебата во организација на Министерството за информатичко општество и администрација и на Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, некои од медиумите оцениле дека нема потреба од измени и дополнувања на Законот за медиумите, а други застанале на ставот дека оваа иницијатива и дебата за утврдување на евентуалната потреба од измени е добредојдена и дека може да приоднесе за подобрување на вкупната медиумска слика во Република Македонија, информираат од прес-центарот на Владата.
Заедничка констатација од дебатата било дека треба да следува период во кој ќе бидат доставени аргументи „за“ и „против“ измени во законот и дека потоа ќе следува уште еден циклус јавни дебати од кои ќе произлезат соодветни одлуки.
Свое обраќање на дебатата имал министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој го спомнал феноменот лажни вести, кои се генерираат од Република Македонија. Тој нагласил дека за ова прашање нема готови решенија и дека за негово решавање е неопходна потребата од зајакнување на концептот на саморегулација, проверка на фактите и на интензивирање на медиумската писменост.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, истакнал дека Владата на Република Македонија со подготвеноста да ја отвори оваа дебата на барање на дел од медиумските претставници, нема апсолутно никаква намера да ги ограничи слободите и правата за медиумите што ги гарантира Законот за медиумите.