33.8 C
Скопје
4. јули 2022
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Се огласи Груевски: Некој го злоупотребува моето име

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка, Никола Груевски се огласи на Фејсбук во врска со најновите случувања околу изборот на нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Во прилог интегрален текст од Фејсбук статусот на Груевски:

Одлуката на извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ за предлог до центрaлниот комитет (ЦК) на партијата за одржување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на ден 22-ри и 23-ти декември во Валандово, како и бројот на делегати беше донесена на седницата на ИК на 03 декември 2017-та ЕДНОГЛАСНО, без ниту еден глас против, откако на 1ви декември јас како претседател најавив оставка во интервју за порталот Курир.

Едногласно и без било какви коментари или забелешки од било кој член на ИК. По дискусијата следеше гласањето, на кое СИТЕ членови на ИК кренаа рака и гласаа ЗА без притоа било кој да приговори за датумот или бројот на делегати, и без било кој да оспори било што во врска со тоа.

Статутот уште од основањето на партијата предвидел и никој досега тоа не го отворил како прашање и не побарал промена, дека во случај на вонреден Конгрес, делегати се истите делегати од последниот редовен конгрес.

Со цел потсетување кои биле делегати на последниот редовен конгрес делегатите беа прочитани на седницата на глас еден по еден.

Вкупно 560 колку што биле на редовниот конгрес во 2015-та.

Слични или помали бројки на делегати биле на сите досегашни конгреси на ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното основање до сега. Статутот предвидува дека не треба да се помалку од 250 делегати на Конгресот, а горната граница не ја ограничува. И кога се одредуваа делегатите за редовниот Конгрес во 2015-та никој немаше никаква забелешка за бројот на кандидатите, иако статутот не бил пречка за тоа.

Сличен или помал број на делегати имало и на конгресите на сите други партии во Македонија од независноста до денес.

На 10-ти декември 2017 се одржа седница на ЦК на која се потврди датумот на одржување на конгресот и бројот и имињата на делегати, при што заради законска пречка за која бевме известени од правната комисија (вработени или функционери во МВР, МНР и регулаторни тела, не можат да имаат партиски функции, како и едно починато лице) бројот на делегати се одреди да биде 544. Сите 15 делегати кои изостанаа самите поднесоа писмени оставки со цел да ги запазат законите и да не им се загрози работното место или функцијата.

Одлуката за одржување на конгресот на 22-ри и 23-ти декември со 544 имиња на делегати ЦК ја изгласа речиси ЕДНОГЛАСНО.

Само едно лице гласаше против, од сосема различни причини кои претходно ги образложив неповрзани со датумот на Конгресот и бројот и составот на делегати на Конгресот.

Ниту еден член на ЦК или некој од поканетите гости не даде никаква забелешка или противење за датумот на одржување на Конгресот или бројот на делегатите.

Ниту еден од присутните не предложи колективно претседателство.

За се останато се произјаснив во мојот претходен статус на оваа тема во 8 засебни точки на 14-ти декември како и во уште еден таков три дена пред него. Ова произјаснување е продолжение на тие две.

Одлуката за одржување конгрес со сите содржини во неа меѓу кои и датумот и бројот на делегати се носи со најмалку 2/3 од бројот на членовите на ЦК. Согласно ова, и евентуална промена на ваква одлука може да се носи само со двотретинско мнозинство од членовите на ЦК.

За назначување на колективно претседателство потребни се неколку услови и чекори:

1. Одлука на најмалку 2/3 од членовите на ЦК со кои се поништува претходната одлука за одржување вонреден конгрес од 10-ти декември

2. Промена на статутот на партијата со кој би се овозможило колективно раководство, што е во надлежност на ЦК.

3. Посебен Конгрес на кој би се назначило колективното раководство, доколку Конгресот тоа го прифати.

4.Потоа уште еден – нов Конгрес на кој би се бирал нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи колку што разбрав идејата е колективното раководство да е времено решение

Тое се фактите за досегашните одлуки и процедурата.

А сега неколку мои коментари.

Јас како Претседател на партијата дадов максимум што е во моја моќ да останам неутрален во процесот на избор на претседател на партијата. Иако немам таква обврска, тоа е мој личен избор.

Статутот и другите акти со ништо не ми попречуваат да застанам зад некој кандидат. Јавно, со изјава, со потпис, говор, политичка агитација, лична вклученост во нечија кампања и слично. Сепак проценив дека најдобро е да останам неутрален и причините јавно ги објаснив во претходните два статуси на оваа тема минатата недела.

Во 2003-тата тогашниот Претседател постапи поинаку, излегувајќи со јавна поддршка за мене како прв потписник на мојата кандидатура. Тоа беше негово право и личен избор исто како што сега е и мое право да одлучам дали ќе постапам исто или ќе се определам за неутралност.

На ниту еден делегат од сите 544 не му дадов било каква насока во однос кој кандидат да поддржи.

Дел од моите долгогодишни најблиски соработници охрабруваа кандидат кој колку што сум информиран се откажа од кандидатура. Со ништо не ги попречив во тоа. Напротив.

Покрај ова, одговорив на неколкуте директни до мене пораки и барања од еден од потенцијалните кандидати кој ги побара имињата и телефоните на сите делегати и претседатели на ОК и МК како би имал директен пристап за претставување, политичка агитација и лобирање што е легитимна работа во ваков изборен процес.

Одржав лични состаноци со потенцијалните кандидати и во рамките на моите статутарни ингеренции направив се што е во моја моќ и овластувања согласно статутот да делувам кон надминување на забелешките и несогласувањата.

Јас, сега на 24 часа пред истекот на рокот, уште еднаш ги повикувам сите заинтересирани кандидати да ги соберат потребните потписи и да се кандидираат во предвидениот и заеднички изгласан рок од ИК и ЦК, а делегатите ги повикувам слободно да одлучат согласно она што го напишав на статусот на 14-ти декември. Повеќето од нив, знам дека за неколку часа можат да соберат не 30, туку дупло од тоа потписи, или повеќе.

Уште еднаш повикувам доколку некој го злоупотребува моето име во лобирањето да бидат свесни дека се работи за лажно повикување и согласно тоа да го дадат или повлечат својот потпис, и слободно да гласаат на тајното гласање на Конгресот.

Секоја евентуална закана, заплашување, уцена, лажно повикување или слично да ги отфрлат и доколку сакаат и да ги казнат преку тајното гласање на Конгресот.

Напоменувам дека некои од поплаките на потенцијалните кандидати не беа поткрепени со докази и не се потврдија при проверките во нивно присуство. Тоа не значи дека тие сакале да ме излажат, но, може да значи дека добиле неточни, невистинити или непроверени информации од теренот. Има и такви случаи каде што лицето кое информирало за некое несоодветно однесување на некој од кандидатите или неговите поддржувачи едно им вели ним на оние кај кои информирало, друго или спротивно на други кои го проверуваат истото. Во некои од случаите при образложувањето на забелешките не се откриваа имиња со цел да се заштитат лицата кои за нешто ги информирале, што е легитимно, но тоа попречува било каква проверка и утврдување на фактите во ситуација кога конкурентот го негира истото. Ова значи дека забелешката може да е точна, а може и да не е точна, но нема начин да се утврди вистината.

Дел од забелешките беа за вклученост во кампањата на други партиски лица, сегашни или поранешни функционери и лица кои имаат поголемо влијание или авторитет во партијата, на една или друга страна од потенцијалните кандидати, што е легитимно право на секој партиски член и не може да се забрани никому, се додека не го пречекори статутутот, законите и етичките норми.

Една од најчесто повторуваните забелешки е што еден од кандидатите ден по одлуката на ЦК за одржување вонреден Конгрес изненадил со брзината и подготвеноста, како и екипираноста при собирањето на потписите за поддршка, и за неколку дена собрал многу потписи, додека други потенцијални кандидати сеуште немале започнато со истото.

Во услови кога јас објавив оставка на 1-ви декември, а веќе на 3-ти декември ИК го одреди предлог датумот на конгресот, кој конечно се усвои на ЦК на 10-ти декември, се чини дека тука нема било какви статутарни или други прекршувања. Сите имаа доволно време да се подготват и екипираат за уште првиот ден да го започнат собирањето потписи за поддршка.

Но напоменувам, и оној кој собрал 30 потписи, и ако некој собрал 100 или 200, или повеќе потписи за поддршка, колку и да му прави тоа психолошка предност, сепак на конгресот се почнува од нула, бидејќи гласањето е тајно. Таму секој кандидат ќе има право да се претстави пред сите делегати и да ја изложи својата програма и визија пред сите делегати пред да се гласа.

Доколку е точно дека некои од претендентите за претседател и нивните поддржувачи се однесувале дрско, арогантно, заканувачки, уценувачки, иритирачки, надмено или било како несоодветно, се соглссувсм дека тоа е за осуда и дека многу говори за личноста која претендира за претседателска функција. И најавува дека така може и да продолжи ако стане претседател.

Но, тоа сегашно однесување доколку било навистина такво е одлично за противкандидатот или противкандидатите на денот на гласањето. Секој нормален делегат и да дал и да недал потпис за поддршка на личност со такво однесување, при тајното гласање на Конгресот има можност да го казни кандидатот кој така пристапил: нема да гласа за негова поддршка.

Уште еднаш повикувам и апелирам да се внимава со јавните изјави кои се упатуваат кон органите на партијата и истовремено тоа се прави преку медиумите или социјалните мрежи со цел да не се направи политичка штета на партијата.

За се останато, за се во врска со било какви забелешки и за евентуални предлози за промени на веќе изгласаната одлука може да се одлучува само ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе има седница пред одржување на конгресот. На истата седница на ЦК секој ќе може да изнесе свои аргументи и предлози токму пред партиското тело кое ги носи најважните одлуки од овој тип.