3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира четири крстосници и најави протест пред Министерството за правда

Притворот за уставобранителите мора да биде прекинат, а политички монтираното обвинение за тероризам да биде повлечено, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ во врска со притворот што во врска со насилствата во Собранието од 27 април им беше изречен на нивни членови и на повеќе уметници.
Од партијата најавија дека во знак на незадоволство и денес ќе блокираат четири крстосници во градот Скопје во периодот од 15 до 17 часот, а за во 18 часот најавија и протест пред Министерството за правда, каде што ќе има повеќе обраќања пред присутните.
„Мора да престанат изживувањата во истражниот затвор преку нехуманите услови во кои се држат притворените. Не постои никаква правна основа, ниту какви било аргументи да се бара продолжување на притворот или продолжување на истрагата за измисленото обвинение со кое терористи беа прогласени уметници, оперски пејачи, режисери, актери, архитекти, доктори, пратеници, полициски службеници и многумина други чиј единствен грев е љубовта кон Македонија“, се наведува во соопштението на опозициската партија.
Оттаму обвинуваат дека Јавното обвинителство, наместо по закон, работи по насоките на, како што велат, хунтата и истакнуваат дека целиот случај за наводен тероризам е монтиран за потребите на хунтата.
„Дејствата што ги презема Јавното обвинителство се нелогични и неаргументирани. Не е исполнет ниту еден услов за да се бара и изрече мерката притвор. Неправедно притворените ниту се криеја ниту се впуштија во бегство. Тие 8 месеци твореа и ги извршуваа своите секојдневни активности. Второ, неправедно притворените ниту влијаеле ниту помислиле да влијаат врз кои било сведоци. Зарем некогаш Дурловски, Јовановски, Илиевски или кој било од притворените некому му се заканувал или некој мисли дека тие би се заканувале“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека приведените никогаш не сториле ниту прекршок, а не, пак, некое кривично дело.
„Хунтата сега им монтира тероризам, но кој терористички акт или какво насилно уривање на уставниот поредок би можеле да сторат кога најопасното оружје што партиската хунта го пронајде кај нив беа мобилни телефони и по лаптоп со нивните креации? Целиот случај е чист политички прогон, реваншизам и одмазда кон сите што не се согласуваа со антидржавните политики на хунтата на Заев и тоа гласно го говореа“, стои во соопштението.
Од партијата заклучуваат дека ниту еден од трите услови за мерката притвор не е исполнет и затоа тој не смее да биде продолжен. Оттаму ги повторија и нивните барања во врска со овие случаи: безусловно запирање на сите процеси на политичкиот прогон, итно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето што го прави, како што велат, СДСМ и итно пуштање на слобода на сите лица што се опфатени, според нив, со класичниот политички прогон.
Четирите скопски крстосници што денеска ќе бидат блокирани во знак на револт од 15 до 17 часот се: крстосницата кај Соборниот храм, крстосницата кај „Мавровка“, крстосницата кај поранешна „Нова Македонија“ и крстосницата кај Црвениот крст.
Спонзорирано: