20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Павлески: На локалните самоуправи им е потребна интензивна соработка со граѓанскиот сектор

Заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, заедно со амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, и претставници од Делегацијата на Европската Унија и на Европското движење во Република Македонија говореше на конференцијата „Нови предизвици, нови перспективи на локалната демократија“, организирана од Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА.
Павлески истакнал дека Министерството за локална самоуправа во соработка со меѓународната донаторска заедница веќе работи на зајакнување на капацитетите на општините за институционализирање на соработката со граѓанскиот сектор, информираат од Министерството за локална самоуправа.
„Оваа Влада е цврсто решена да се посвети на суштинска трансформација на општеството во правец на негова демократизација, а најдобар начин за тоа е да се почне од локалното ниво. Локалните заедници се најприродната средина за интеграција и реализација на секој граѓанин, затоа развојот на локалната демократија е најважната одредница за градење демократско општество, во кое граѓаните ќе се чувствуваат повикани активно да дејствуваат и да придонесат за развојот на заедницата“, рекол Павлески.
Тој нагласил дека локалната демократија е услов и за хармонизирање на меѓуетничките односи, за остварување на принципот на родова еднаквост, на овозможување полесен пристап до услугите на лицата со попреченост и на други маргинализирани групи и воопшто за еднаков пристап до услугите за сите граѓани.
„Потребно е да се вратиме на суштинските вредности на локалната самоуправа и на децентрализацијата на власта. За тоа е неопходно, пред сè, да се создадат услови за враќање на функционалноста на општините. Во моментов дваесетина се со блокирани сметки, а новите локални власти својот мандат го почнуваат со големи наследени долгови од околу 250 милиони евра. Ад хок решенија не решаваат проблеми туку само ги продлабочуваат. Затоа и во соработката меѓу власта и гаѓаните е потребен системски приод, создавање институционални механизми коишто ќе гарантираат транспарентност, отчетност, предвидливост, информираност и вклученост на начин на којшто заедно ќе се договорат локалните власти и граѓанскиот сектор“, истакнал Павлески.
Спонзорирано: