10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Џафери и Попоски му се заблагодарија на Сијарто за унгарската поддршка за Македонија

Денеска претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари средба со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто.
Претседателот Џафери на средбата изразил голема благодарност за помошта и поддршката на Унгарија, која заедно со другите членки на Вишеградската група, Словачката Република, Полска и Чешка, пружија и сè уште пружаат максимална помош на Република Македонија во нејзините напори за справување со мигрантскиот бран, бидејќи Македонија се најде на таканаречената балканска рута на мигрантите.
Во текот на разговорот претседателот на Собранието го информирал министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија дека членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ останува и понатаму врвен државен, политички и стратешки приоритет.
Џафери го известил гостинот за потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и за интензивираната комуникација со Република Грција во насока на постигнување заемно прифатливо решение во однос на спорот со името, со надеж овие напори да дадат плод, односно Извештајот за напредокот на Република Македонија да биде позитивен, без дополнителни услови, а на Самитот на НАТО Македонија да добие покана да стане 30. членка на оваа безбедносна структура.
Средба со министерот за надворешни работи на Унгарија денеска оствари и претседателот на Советот за евроинтеграции при Собранието на Република Македонија, Никола Попоски.
„Кога ќе влеземе во ЕУ зависи од членките на ЕУ, но кога ќе се европеизираме зависи само од нас самите. Затоа, вниманието треба да ни биде на зајакнувањето на институциите и примена на законите повеќе отколку на што било друго“, истакнал Попоски, информираат од одделение за односи со јавноста при Собранието на РМ.
Сијарто на средбите ја повторил поддршката од Унгарија во евро-атлантските аспирации на Македонија, потенцирајќи го континуираниот напредок што државата го остварува во насока на процесот на проширување на ЕУ и НАТО. Тој потврдил дека Македонија беше верен партнер на Унгарија во менаџирањето на мигрантската криза, како заштитник на надворешната граница на ЕУ.
На средбите соговорниците констатирале дека местото на Македонија е во европското семејство затоа што неколкупати досега ја докажала својата улога како заслужен член на Унијата.
Спонзорирано: