27.8 C
Скопје
1. јули 2022
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Мозаик

Жената за која Тито не зборувал: Љубов која се гасела долго и болно!

Јосип Броз во друштво на пријателите и пред телевизиските камери, со задоволство се потсетувал на деновите од младоста, но никогаш не зборувал за својата прва сопруга – Пелагија Бјелусова.
И пред Втората светска војна во најтесниот круг околу Тито се знаело дека за Пелагија не е пристојно ништо да го прашуваат, бидејќи таа љубов се гасела долго и болно.
Сè започнало во 1920 година со венчавката во Сибир. По пет и пол години кои ги поминал како воен заробеник во на австро-унгарската војска во Русија и на Сибир, Јосип Броз во ноември 1920 година се вратил во новонастанатото Кралство на СХС. Со него пристигнала и неговата млада сопруга, Русинката Пелагија Бјелусова, во поодмината бременост. Се породила во куќата на таткото на Тито, Фрањо.
Броз се вработил во браварска работилница на Филип Баум во Загреб, а се зачленил и во Комунистичката партија на Југославија, која во тоа време била во својот најголем подем. Работата ја сменил во 1921 година, кога се вработил во мелница во Големо Тројство, село недалеку од Бјеловар. Таму со својата сопруга живеел во следните четири и пол години.
За брачниот живот на Тито од тоа време малку е познато, но изгледа дека брачната двојка живеела складно. Јосип својата сопруга Пелагија ја нарекувал „Пољка“. Познато е дека во ноември 1922 година им се родил синот Хинко, кој починал по осум дена од дизентерија, во јуни 1923 година од дифтерија починала 18-месечната ќерка Златица. Во 1924 година им се родил синот Жарко, здраво дете, кое до некаде било нивната утеха.
Кога на блиските соработници, брачниот пар Копиниќ во 1941. година им се родило дете, мајката Стела му се пожалила на Тито дека не знае како да се грижи за новороденчето. Тито ѝ одговорил: „Не грижи се, јас ќе ти помогнам. Ни мојата Пелагија не знаеше, но јас гледав што прави мојата мајка со моите помлади браќа и сестри. Кога Жарко беше бебе, јас го капев и хранев“.
На почетокот на 1924. година, Броз бил избран во новоформираниот Окружен комитет КПЈ за крижевачко-бјеловарскиот регион, и тоа му дало поттик, а се јавила и амбиција да биде организатор и предводник. Тоа било времето кога почнувал да се менува од мирен семеен човек во партиски активист, на кого семејството му е на второ место.
Во слободно време Броз одел на состаноци во блиска и далечна околина. Одржувал тајни врски со покраинското раководство на КП во Загреб. На погребот на партискиот пријател од Бјеловар држел бунтовен говор, поради кој осум дена минал во затвор. Полицијата му вршела претрес во домот и му ги запленила книгите, кои подоцна му биле вратени.
Кога Јосип Броз Тито во 1928. година бил осуден на пет години затвор и заминал на служење на казната, Пелагија со синот Жарко се вратила во Русија.
По излегувањето од затвор во 1934. година, Тито набрзо заминува во Москва. Во јануари 1935 година, Централниот комитет на КПЈ одлучил да го прати на работа во Коминтерната, односно во Балканскиот секретаријат, како референт за работи по прашањето за КПЈ. Тито очекувал дека тоа ќе биде можност да ги обнови односите со сопругата. Три месеци чекал на порака која не ја добил. Најголемо разочарување за него било тоа што дознал дека Пелагија не била грижлива мајка. Инцидентите и непримерното однесување на Жарко, кој бил сместен во дом за деца на партиски службеници, биле причина повеќе за грижа.
Жарко имал бурна младост и живеел на работ на законот. Како службеник во Црвената армија во војната против Германците ја изгубил раката. Тито го вратил кон крајот на 1945. година, а тој се женел три пати во Белград.
Пелагија Бјелусова по разводот од Тито се омажила за Русин, со кого добила две деца.