20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска за „Би-Би-Си“: Македонија повторно стана позитивен балкански пример за ЕУ и НАТО

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, гостуваше во една од централните информативни емисии на „Би-Би-Си њуз“, „Beyond 100 Days“.
Во најавата на интервјуто, новинарката од студиото во Вашингтон ја претстави Македонија како земја која бара место во ЕУ и НАТО, по 10 годишно националистичко владеење, а новата влада избрана врз заложбите за антикорупција и економски реформи, сега се пробива напред. Во студиото во Лондон, со министерката за одбрана разговараше и новинарот Кристијан Фрејзер, кој ја праша Шекеринска зошто Македонија сака да биде членка на ЕУ.
„Поминавме низ 90-тите години, поминавме низ тешкотиите на распаѓањето на Југославија и знаеме колку е важно да имаме стабилно владеење, пристојни демократски вредности и да припаѓаме на нешто што е подобро и поголемо. И овие беа клучните поенти што произлегоа од нашите граѓани“, гласеше одговорот на македонската министерка.
На прашањето околу настаните на 27 април и сликите со насилство во земја која сака да биде членка на ЕУ, кои го обиколија континентот, Шекеринска рече:
„Демократските и сериозни земји некогаш запаѓаат во неволја и сметам дека клучното прашање е како тоа да се превенира. Македонија доживеа продолжена политичка криза која траеше три години и токму отсуството на контролни механизми, недостатокот на борба против корупцијата и се разбира, големиот притисок врз медиумите, противниците, бизнисите, ја доведоа всушност земјата во ваква ситуација. Но, знаете, Македонија е мала земја и успева брзо да си ја поврати својата сила. Од овие слики не поминаа повеќе од седум месеци, а зборуваме за земја која може да биде извор на надеж за многу земји, особено многу балкански земји. Сметам дека дојдовме до конкретни резултати, многу добри избори на кои ја добивме поддршката од голем дел од нашето население и сметам дека повторно сме позитивен балкански пример и за ЕУ и за НАТО“.
Спонзорирано: