3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Професорката Попсимонова размислува да даде оставка во Одборот за акредитација

Професорката Гордана Попсимонова на својот фејсбук-профил објави дека размислува да поднесе оставка од Одборот за акредитација и евалуација на високото образование бидејќи, како што наведува, истиот е широко отворена врата за корупција и лични поткусурувања.
„Многу се думам дали да си дадам оставка во Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Одборот е еден нефункционален реликт од стариот Закон за високо образование. Криво насадено дрво. Длабок кариес кој од страна и не изгледа страшно, а навлегол длабоко во вилицита. Широко отворена врата за корупција и лични поткусурувања. Гломазен мастадонт на кој, таков каков што е, не му можеш ништо. Не сум паметна што да се прави. Можеби е најдобро да се стави мораториум на сите акредитации до воспоставувањето на Агенцијата за квалитет на високото образование – предвидена во предлог-законот за високо образование. Се думам“, напиша професорката во својата објава.
Инаку, Oдборот за акредитација и евалуација има обврски да утврдува дали високообразовните установи ги исполниле условите за вршење високообразовна дејност, одлучува за акредитација на научна установа за студии од втор и трет циклус на студии, утврдува дали се исполнети условите за организирање студии за нови студиски програми и го утврдува капацитетот за студирање на високообразовната установа. Како дел од надлежностите, дава акредитација на студиски програми и ја следи исполнетоста на условите на оние на кои им е дадена акредитација. Одборот, според закон, исто така ја продолжува и одзема акредитацијата и дава препораки.
Гордана Попсимонова е редовен професор при Земјоделскиот институт на УКИМ.