4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Политичарот обвинет за сексуално вознемирување најден мртов, најверојатно се самоубил

Републиканскиот сенатор Ден Џонсон од Кентаки, кој беше обвинет за сексуално вознемирување на тинејџерка, пронајден е мртов покрај својот автомобил и се верува дека извршил самоубиство. Џонсон е пронајден со една прострелна рана. Според надлежните, неговото тело е пронајдено покрај автомобилот со кој дошол до крајот на еден мост, пренесуваат американските медиуми. Патологот Дејв Билингс изјавил дека аутопсијата допрва треба да биде направена, но дека смета дека, најверојатно, во прашање е самоубиство.
Џонсон пред два дена ѝ се обрати на јавноста отфрлајќи ги обвинувањата дека во неговиот подрум во 2013 година сексуално малтретирал тинејџерка. Тој рекол дека тие обвинувања се дел од стратегијата за да се поразат конзервативните републиканци. Тој на својот фејсбук-профил вчера попладнето објавил порака со која повикал да се грижат за неговата сопруга, дека не може повеќе да го поднесе тоа што му се случува, како и дека небото е неговиот дом. Неговата објава подоцна била отстранета.
Овој републиканец е избран за сенатор во 2016 година во тесна трка, со оглед дека кампањата ја обележила неговата изјава во која тој го споредил поранешниот претседател на САД Барак Обама и неговата сопруга Мишел со мајмуни. Според медиумите, тој бил и пастор во локалната црква.