17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев-Весели: Македонија и Косово се стремат кон заедничка иднина во ЕУ и НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, како дел од агендата на официјалната посета на македонската владина делегација на Република Косово, оствари средба со претседателот на Собранието на Република Косово, Кадри Весели. На средбата било констатирано дека состанокот го потврдува отвореното и искрено пријателство меѓу двете земји, во чијшто заеднички интерес се интеграциите во ЕУ и НАТО, информираат од прес-центарот на Владата.

„Со оваа посета испраќаме силни и искрени пораки во двете земји, дека градиме општества на еднакви граѓани. Настојуваме и создаваме услови да ги постигнеме европските стандарди“, рекол Заев.

Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, нагласил дека двете земји делат заедничко минато, но пред нив е и заедничка иднина како соседи, како земји на регионот, и како претенденти за членство во ЕУ и НАТО.

На средбата било констатирано и дека заеднички интерес на сите земји во регионот е нивната стабилност и безбедност, како и економскиот напредок, како основа остварување на стратешките интереси на сите земји на Западен Балкан – евро-атлантските интеграции.

Двајцата соговорници изразиле подготвеност да ги поттикнат идните средби на високи претставници на двете земји, како пракса која ќе ги зацврстува и унапредува односите во многу области.

Заев на средбата бил придружуван од владината делегација во состав Крешник Бектеши, министер за економија, Горан Сугарески, министер за транспорт, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, и Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора.

Спонзорирано: