Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, и од својот советнички тим, синоќа оствари средба со претставници од граѓанската иницијатива „О2 коалиција за чист воздух“ и со други еколошки граѓански организации, активисти и поединци, информираат од секторот за односи со јавноста на Владата на Република Македонија.
На средбата, премиерот, коалицијата, граѓанските здруженија и активистите детално разговарале за 16 „жешки точки“ кои ја загрозуваат животната средина во Република Македонија и за мерките за решенија кои се преземаат и предлагаат, како што се: гасификацијата, десулфуризацијата, субвенциите за фотоволтаици, енергетските фасади, планското пошумување, интензивното зголемување на зелените површини во урбаните средини, зголемувањето на буџетот за Инспекторатот за животна средина, пречистителните станици, заштитата на Охридското Езеро и подрачје од неконтролиран развој на туризмот, изградбата на ветерници, мерните станици, решавањето на проблемот со депониите и друго.
Двете страни се согласиле дека буџетот нема да биде цел на краен договор и доколку е неопходно, во моментот кога ќе бидат дефинирани нови и соодветни квалитетни решенија, Владата е подготвена да направи релокација на средства или ребаланс на буџет во интерес на заштита на животната средина, со цел да не постои пречка за реализација на квалитетни еколошки мерки.
Во делот на рудниците, заеднички било констатирано дека здравјето на граѓаните останува да биде врвен приоритет и дека во овој момент се работи на изнаоѓање правно-формални аргументи и механизми за решавање на проблемот со што ќе се заштити животната средина и во исто време ќе се обезбеди интересот на државата.
Премиерот Заев посебно истакнал дека гласот на граѓаните допрел до институциите и дека граѓанскиот притисок мора да остане силен и да ја насочува Владата и сите надлежни институции кон изнаоѓање решeнија за заканите по животната средина.