Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Бизнис

(ВИДЕО) За плати, пензии и социјала, догодина 43,37 милијарди денари

Министерството за труд и социјална политика, со буџет од 43 милијарди 375 милиони и 583 илјади денари во 2018 година, ќе ги решава проблемите во областа социјалната заштита, заштитата на децата, инклузијата, деинституционализација на институциите за згрижување, а ќе овозможи и законско усогласување на пензиите и нивна редовна и навремена исплата и ќе работи на намалување на невработеноста.

Министерката Мила Царовска истакна дека буџетот на Министерството за труд и социјална политика е со највисок износ од сите владини ресори, а најголемиот дел од средствата одат директно кај граѓаните.

Над 120 илјади граѓани се корисници на социјални надоместоци во износ од 8 милијарди денари. Тоа се средства наменети за правата од социјална заштита, детска заштита, цивилни инвалиди, борци и воени инвалиди итн. Во 2018 година Министерството за труд и социјална политика се фокусира на подобрување на опфатот на деца во детските градинки и подобрување на просторните и кадровски капацитети.

,,Најголемо зголемување има кај трансферите до единиците на локална самоуправа за блок-дотации за детски градинки, кои изнесуваат 1 милијарда 578 милиони и 290 илјади денари. Предвидени се средства за 200 нови вработувања, за зголемувањето на платите за вработените во градинките за 5%, како и дополнителни средства за материјални трошоци за функционирање на градинките. Крајни корисници се околу 30 илјади деца во Република Македонија. Во буџетот се предвидени и 58 милиони денари за нови капацитети за изградба и опремување детски градинки и објекти за социјална заштита”, потенцираше министерката Царовска.

Во 2018 година се става акцент на активните мерки за вработување за што од буџетот на Република Македонија во Агенцијата за вработување ќе бидат алоцирани 987 милиони и 500 илјади денари.

Финансиската поддршка на фирмите за исплата на минимална плата изнесува 461 милион и 250 илјади денари. Овие средства значат подобрување на стандардот на над 70 илјади граѓани од семејства со минимални примања.Процесот на деинституционализација за првпат добива посебна буџетска линија во буџетот на МТСП со износ од 25 милиони и 713 илјади денари. 29 милијарди и 158 милиони денари се наменети за трансфери до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на над 300 илјади корисници, односно се наменети за редовна исплата на пензии со предвидено законско зголемување и транзициони трошоци за пензиски реформи.

Царовска нагласи дека во буџетот за идната година се намалени нерационалните трошоци за репрезентација во министерството и се намалени или укинати надоместоците за учество во комисии и работни групи, кои во изминатите години беа неоправдано високи.