7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Промоција на книга од Боро Мокров по повод 100 години од раѓањето

Издавачката куќа „Антолог“ ја најавува промоцијата на книгата „Ораторската вештина низ историјата“ од првиот новинар во Република Македонија, Боро Мокров. Промоцијата ќе се одржи на утре, 13 декември, со почеток во 20 часот, во Галеријата при МКЦ, а промотор ќе биде д-р Ѓорѓи Спасов.

Годинава се одбележуваат сто години од раѓањето на Боро Мокров. Книгата „Ораторската вештина низ историјата“ е напишана само четири години пред смртта на авторот. Придонесот на Мокров во новинарството со голем број статии и книги од областа на новинарството и на ораторството е видлив и денес.

„Издавањето на оваа книга е од големо значење бидејќи живееме во време на масовна употреба на интернетот и на компјутеризацијата, во време во кое комуникацијата на луѓето е сведена на минимум. На тој начин, ораторството е суштината на квалитетна комуникација, начин што има цел да информира, да влијае или да ги забавува слушателите. Ораторството денес, во ова бурно политичко време, излегува во прв план и е потребно во секоја област од нашиот општествен живот. Трудот претставува едно скромно помагало во целокупниот општествен живот, а особено во областа на правото, политиката, економијата, маркетингот итн. Ораторството претставува корен на дисциплините од иднината и неговата суштина ги има истите цели, како известувањето, информирањето, комуницирањето“, велат од издавачката куќа.

Првиот дел од книгата ја содржи историјата на ораторството: ораторските вештини во Грција и во Римската Империја, со примери од Цицерон и од други римски оратори, па продолжува со влијанието на христијанството врз ораторската вештина, односно усното проповедништво, проповедите на апостолите, ораторската вештина на „светите отци“, корените и развојот на македонското беседништво, со примери од текстови од теоријата на реториката. Вториот дел од книгата е составен од преведени дела од оригинален јазик.

Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Спонзорирано: