7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЛЕД осветлување, нов изглед на Тасино Чешмиче и ИТ систем за поздрава животна средина – приоритети на центарци

Реконструкција и модернизација на јавното осветлување со воведување ЛЕД технологија, изградба на водовод, на атмосферска и на фекална канализација и реконструкција на коловози и тротоари во градска четврт Тасино Чешмиче и изработка на централен ИТ систем за поддршка на поздрава животна средина и намалување на загадувањето.

Ова се приоритетите кои по пат на дискусии и гласање ги избраа граѓаните и невладините организации на буџетскиот граѓански форум. Буџетот на општина Центар за 2018 година, како што и вети градоначалникот Саша Богдановиќ, се креира според барањата, проблемите и потребите на граѓаните на општина Центар. Ова придонесува и кон зголемување на транспарентното работење на Општината во корист на жителите. Вкупниот буџет на Општината за 2018 е проектиран на 1.776.812.000 денари.

Еден од најголемите приоритети на Општината е подобрување на условите во градинките и во училиштата.

„Во тек е изградбата на новото, најсовремено училиште во Капиштец, а ќе се реконструираат и ќе се постават енергетски ефикасни фасади на другите основни училишта на територијата на општина Центар. Водиме грижа и за децата во градинките, во Маџир Маало за првпат ќе се гради детска градинка и ќе се направи неопходната реконструкција и подобрување на условите и во другите градинки во општина Центар“, рече градоначалникот Богдановиќ.

Во развојната програма е и реконструкција на Маџир Маало, Долно Водно, Тасино Чешмиче, локалитетот Пресвета Богородица, инфраструктура, коловоз и тротоари на Новопроектирана бр. 2 и монтажен паркинг на ул. Орце Николов во Дебар Маало.

Одговарајќи на прашања на граѓаните, Богдановиќ рече дека ќе се објави јавен повик за промена на азбестните стари покриви на згради изградени во 1947 година во населба Пролет. Јавен повик ќе има и за старите, дотраени фасади и лифтови во зградите. Предвидено е поставување топлотна мрежа на три улици во Маџир Маало.

Богдановиќ посочи дека новите ДУП-ови и измените на веќе постојните ќе се вршат во договор со граѓаните и ќе се гради согласно со потребите на жителите, а не на урбаната мафија.

Интересот за граѓанскиот форум и за вакво креирање на буџетот и на изгледот на општината кај жителите беше огромен. Богдановиќ посочи дека е отворен за сите прашања и предлози и ги покани граѓаните на идните отворени денови во општината.

Спонзорирано: