12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Донирани 10 прочистувачи на воздух во детската болница „Козле“

Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле доби 10 прочистувачи на воздух што ги обезбеди граѓанското здружение „Ротари клуб Скопје – Интернационал“.

„Ваквите вложувања нѝ помагаат да го достигнеме посакуваното ниво на услови за престој на децата – пациенти во нашата здравствена установа. Оваа донација доаѓа во вистинско време, кога нивото на загадување на водухот е високо, што ѝ дава специфична тежина и значење. Поради тоа сите ние сме особено благодарни“, изјави директорот на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле, Ангелчо Андоновски, при примопредавањето на апаратите.

Средствата за набавка на апаратите за прочистување на воздухот биле обезбедени преку лични донации од членовите на клубот.

„Определбата на членовите на нашето здружение да донираат средства за потребите на заедницата е искрена и долгорочна. Особено сме среќни кога тие средства одат во обезбедување добри услови за третман и здравствена заштита на најмладите“, изјави Неда Здравева, претседателка на „Ротари клуб Скопје – Интернационал“.

ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата – Козле е единствена јавна болничка установа во земјава специјализирана за лекување на деца од 0 – 16 години и може да згрижи околу 100 пациенти. „Ротари Интернационал“ е глобална мрежа на поединици кои се здружуваат за да иницираат позитивни придвижувања во заедниците каде што живеаат и работат. „Ротари клуб Скопје – Интернационал“ е еден од клубовите на оваа глобална мрежа кои активно работат во Македонија.

Спонзорирано: