Сликата на италијански сликар од 13 век, Чимабуе (1272-1302), пронајдена во кујната на една старица во Франција, која ја чувала како икона со сентиментална вредност, е продадена на аукција за 24 милиони евра.
Ремек-дело што му се припишува на Чимабуе беше откриено оваа година и му е продадено на анонимен купувач на аукција организирана од аукциската куќа „Актеон“ во Санлис, северно од Париз. Експертот за аукција, Доминик ле Коан, изјави дека продажбата претставува светски рекорд за дела пред 1500 година.
„Тоа е уникатна, брилијантна и монументална слика. Чимабуе е татко на ренесансата. Но, оваа продажба ги надмина сите наши соништа“, рече Ле Коан.
Аукционерот ја забележал сликата во јуни кога извршил увид во куќата на сопственикот во Компиње, во северна Франција, и ѝ предложил таа да ја донесе на експерти за процена. Сликата висела на ѕидот помеѓу кујната и трпезаријата.
Станува збор за сликата Christ Mocked, која е дел од серијата слики од крајот на 13 век.
Старицата мислела дека сликата е икона. Експертите велат дека нема сомнеж за нејзината автентичност. На сликата биле извршени тестови со помош на инфрацрвена светлина за да се бараат сличности со други дела на италијанскиот сликар.
„Сликата е насликана од истата рака“, рекол експертот Ерик Рукин. Се верува дека сликата е дел од поголема сцена поделена на неколку панели, на кои се прикажани Исус Христос и неговото распнување./Makfax