Денеска, во Собранието на Република Македонија, претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, и потпретседателот на партијата, м-р Реџеп Исмаил – Хактан, остварија средба со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Н. Е. Сергеј Баздникин. Средбата се одржа по повод заминување на амбасадорот од Македонија поради завршување на неговата дипломатска служба во Скопје.
И покрај сложените политички околности и сеприсутната русофобија во јавниот дискурст во земјава, Левица ја истакна својата благодарност и задоволство од соработката со амбасадорот Баздникин за време на неговата дипломатска служба во Македонија.
На средбата беше истакната неопходноста од повторно воспоставување нормални односи помеѓу двете земји, кои во моментов се сведени на минимум, како резултат на несуверената надворешна политика на македонските власти, водена од туѓи интереси и штетни влијанија кои доаѓаат од колективниот Запад.
Постојаните државни антируски политики поврзани со санкциите и јавното демонизирање на сè што е поврзано со Руската Федерација, од кое не е изземена ниту руската култура, не се во согласност со ставовите и желбите на огромен дел од населението во Република Македонија. Укинувањето на политички наметнатите ограничувања што го попречуваат економскиот, енергетскиот и културниот развој на земјата, преку билатерална соработка со Руската Федерација, е неопходно за афирмацијата на заедничките интереси, историските врски и заемното почитување.
Средбата помина во срдечна и пријателска атмосфера, со заедничка заложба за надминување на сегашните пречки и повторно воспоставување на пријателски односи меѓу Македонија и Русија.
фото Левица
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


