Јавноста, но и опозицијата ги отворија прашањата зошто не се објавуваат имињата на одговорните за безпотребни операции на пациенти за срце. И каква ќе биде одговорноста за тоа што одредени пациенти, иако немало потреба биле оперирани, а со тоа им се загрозило здравјето.
Скандалот оди до таму што од 19 проверени случаи, дури 10 пациенти непотребно биле оперирани.
– Комисијата испорача објективни резултати, врз основа на професионално, научно и независно спроведен процес. Од доставените 25 случаи, од кои комисијата утврди дека 6 од случаите треба да се испратат до ДСЗИ, бидејќи таа не е надлежна, анализирани се 19 случаи од кои кај 10 случаи комисијата утврди дека се непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, истакна министерот Алиу.
На ова реагираше и СДСМ која бара да се вклучи и Јавното Обвинителство, но и Финансиската полиција. Скандалот, СДСМ, го каракеризира како еден од најголемите скандали во здравството во историјата на државата.
– Министерот за здравство јавно соопшти дека се утврдени најмалку 10 случаи на непотребни кардиоваскуларни операции во приватни клиники. Ова е скандал без преседан за кој мора да има целосна одговорност, но начинот на првичната презентација на извештајот е скандалозен, рече Богданка Кузеска од СДСМ.
Од СДСМ прашаа како е можно министерот Алиу да каже дека комисијата утврдила дека операциите биле непотребни, а истовремено да вели дека истиот тој извештај не е финален?
– Да вели дека затоа не ги објавува имињата на лекарите и клиниките кои стојат зад тоа, прашува Кузеска.
Од СДСМ прашаа кои податоци се чуваат за „финалната фаза“? Дали нешто ќе се менува, што се договара и што се преговара во тој период додека јавноста чека да се финализира извештајот? – рече Кузеска.
– Ова е крајно несериозно и јасен сигнал дека финалните наоди може да бидат различни. Ваквото однесување сигнализира прикривање или амнестирање на одредени клиники и лекари. Прашањето е: кого штити министерот?
Ако има утврдено факти – тие мора да бидат јавно објавени. Ако има одговорни – тие мора да се именуваат. Алиу нема право да остави ниту една дамка, ниту една сенка дека се штити нечии интереси. Ниту дека некој оди на преговори кај него и Владата наместо да сноси одговорност.
Во овој момент сакаме да кажеме многу јасно: огромното мнозинство лекари во оваа држава се чесни, посветени и професионалци. Но кога министерот не соопштува каде е направена грешката, кои комисии носеле одлуки и кои клиники ги спроведувале операциите, тој не ги штити докторите – напротив, ги става сите под сомнеж, рече Кузеска од СДСМ.
Тоа е најголемиот удар врз системот, врз професијата и врз институциите рекоа од СДСМ.
СДСМ бара веднаш да се објави извештајот – целосно, транспарентно и без криење, во фазата во која се наоѓа. Во интерес на јавноста, во интерес на сите пациенти и на здравствените работници, бараме:
Итно објавување на досегашниот извештај, со сите наоди, без селекции и без преправки.
Објавување на клиниките вклучени во процесот.
Објавување на сите поединци кои носеле одлуки за операциите – комисии, консилиуми, лекари, управители.
Активирање на ЈО, ДКСК и Финансиската полиција, бидејќи постојат сериозни индиции за коруптивна вертикала, за недозволено упатување пациенти и за незаконско профитирање.
Обезбедување правна и психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства, рече Кузеска.


