Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: ФЗО беше институција со сериозно разнишан кредибилитет, преку реформи и правилни политики ја претвораме во стабилна и модерна институција

ФЗО е институција која не е само администратор на фондови, туку партнер, градител, чувар на стабилноста и двигател на реформите, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски кој присуствуваше на настан по повод 25 години од постоењето на Фондот за здравствено осигурување во Македонска филхармонија.

Говорот го пренесуваме интегрално:

Но мора да бидеме искрени, оваа институција во минатото имаше сериозно разнишан кредибилитет. Граѓаните гледаа директори со пари, непресметани расходи, нетранспарентни одлуки и систем кој повеќе личеше на поле за лични привилегии отколку на сервис на граѓаните. Тоа создаде недоверба, сомнеж и разочарување. Но денес тоа не е случај. Денес ФЗО функционира со јасни правила, силни механизми на контрола, со транспарентно управување и со ревидирани процедури. Денес ФЗО е институција која го врати својот интегритет на единствениот начин на кој тоа е можно – со работа, со ред, со дисциплина и со јасна одговорност. И морам да кажам дека Сашо Клековски заврши одлична работа.

Кога ја презедовме одговорноста за државата, затекнавме здравствен систем во целосна деградација: со дефицит на кадар, со нефункционални установи, недоволна опрема, долги листи на чекање и сериозно нарушена доверба кај пациентите. Наместо тоа да биде изговор, ние го претворивме во мотив. Во изминатата година и половина Владата на Република Македонија покажа што значи вистинска посветеност кон јавното здравство. Од првиот ден тргнавме со јасна цел: да го обновиме, модернизираме и хуманизираме здравствениот систем.

Во инфраструктурата започнавме нов бран инвестиции: од новата амбуланта во Петровец, до реконструкцијата и модернизацијата на операционите сали во ГОБ „8 Септември“, како и низа реконструкции и технолошки обнови во болници низ државата. Ова не се само градби – ова се домови на здравјето, места каде секој граѓанин има право на достоинствен и современ третман.

Но објектите без здравствени работници се само празни објекти. Затоа ја водиме најсилната кадровска политика во последната деценија. Во изминатиот период 1.500 договорци добија можност да преминат на сигурни работни места. Имаме 600 нови специјализанти, од кои 300 веќе се вработени. И потпишавме долгорочен договор за раст на платите во јавното здравство секоја година до 2028 година. Ова не е трошок – ова е инвестиција во срцето на здравството, во луѓето.

Дополнително, Владата обезбеди историски најголем буџет за ФЗО до сега – 53 милијарди денари. Тоа овозможи 33% зголемување на капитацијата за општите лекари и гинеколозите, 23% зголемување за стоматолозите, 17% кумулативен раст на платите во јавното здравство од кои 9.5% е реален раст, и 107% зголемување на условениот надоместок за нови иновативни лекови. Ова не се бројки на хартија. Ова се бројки што ја менуваат реалноста на пациентите, на здравствените работници и на целиот систем.

Дел од нашата визија за модерно здравство е и бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата. За првпат видовме обвиненија за тешки злоупотреби во онкологијата – области кои со години остануваа недопрени. Се истражува секоја злоупотреба, без исклучок, а ниту една установа или позиција не е заштитена ако ја нарушила довербата на пациентите. Таму каде што се работи за човечки животи – мора да има правда.

Денес, 25 години по основањето на Фондот за здравствено осигурување, гледаме институција што влегува во нова фаза. Веќе се подготвуваат нови проекти, нови објекти и нови стандарди кои ќе го кренат здравството на европско ниво. Ова не е крај, ова е почеток на ново поглавје.

Почитувани, ви честитам за овој јубилеј. Ви благодарам за трудот, за посветеноста, за сите тивки херојства кои не се гледаат, но секојдневно ги чувствуваме. Да продолжиме заедно – со истата вера, истата дисциплина и истата цел, да изградиме здрав, стабилен и современ систем кој ќе го штити секој наш граѓанин.“

error: Соддржината е заштитена.