Анкара денес ја потврди смртта на 20 турски војници во воен товарен авион што се урна вчера во источна Грузија.
Турското Министерство за одбрана ги објави имињата и фотографиите на жртвите, но сè уште не ги објави можните причини за падот на авионот Ц-130.
„Нашите херојски соборци станаа маченици на 11 ноември 2025 година“, се вели во соопштението издадено во име на министерот за национална одбрана Јашар Ѓулер, кое го емитуваше државната телевизија ТРТ.
Турските власти, исто така, објавија дека турскиот тим започнал истрага за остатоците од воениот авион во 6:30 часот наутро по локално време, во координација со грузиските власти.
Сите 20 членови на екипажот на турскиот воен транспортен авион Ц-130 загинале кога авионот се урна на границата меѓу Грузија и Азербејџан.
Авионот Ц-130 полетал од Азербејџан и се враќал во Турција кога се урна, соопшти претходно турското Министерство за одбрана.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази длабока тага и сочувство до семејствата на жртвите. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, исто така, му упати сочувство на Ердоган, нарекувајќи ја несреќата трагична загуба и изразувајќи солидарност во овој момент на болка.
Грузиското Министерство за внатрешни работи објави дека авионот се урнал во општината Сигнаги, во близина на границата со Азербејџан, и дека е започната истрага.
Покрената е операција за пребарување и спасување во координација со азербејџанските и грузиските власти.
C-130 Херкулес, произведен од американската компанија „Локид Мартин“, има четири мотори и е наменет за воени транспортни задачи.
Авионот е дизајниран за слетување и полетување од неподготвени или полуподготвени писти, а се користи за транспорт на воен товар, војници и евакуација./Извор:Makfax


