4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Се отпуштаат медицински сестри во време кога се дефицитарен кадар, реагира ЗМСТАС

Медицинска сестра од концесионерските амбуланти прогласена за технолошки вишок во време на дефицит на персонал, тврди Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – ЗМСТА – ЗА НАС.

„Според нашите информации, во последниот месец без работа се останати седум медицински сестри од Куманово, Валандово и Кичево. Меѓу нив е и сестра од Свети Николе која е прогласена за технолошки вишок. Парадоксот е голем бидејќи во време кога медицинските сестри се дефицитарен кадар се случува небулоза и сестра која работи кај лекар во концесионерска амбуланта е отпуштена од работа како технолошки вишок. За жал, ниту законите не се на наша страна бидејќи во случајов нејзиното префрлање од ПЗУ во ЈЗУ е оневозможено поради лавиринтите низ кои нашите предлози поминуваат и сè уште не се произнесени со решение односно закон“, вели сестра Горданка Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС.

Од Здружението велат дека „сестрите концесионери“ се соочуваат и со проблематики при пререгистрација на нова адреса на амбулантите или пензионирање.

„Законот предвидел можност за промена на локацијата, но при повторната регистрација доколку во општа амбуланта претходно со години работела стоматолошка сестра (законот вели здравствен работник, не насочува дејност) надлежните велат дека сега не одговара на бараниот профил и практично таа останува без работа. Остануваат без работа и оние сестри кои работат кај лекар кој заминува во пензија, бидејќи не постои закон кој вели дека сестрата ќе биде прераспределена на друго работно место согласно со потребите и квалификациите. Со тоа се нанесува голема неправда бидејќи сестра со големо искуство и работен стаж многу лесно може да се најде на маргините на егзистенција во општеството“, велат од таму.

Последниот одговор што го добиле од Министерството за здравство е дека се направени промени, дека „сестрите концесионери“ се вметнати во новиот закон, но дека процедурално постапката за носење на новиот закон сè уште не е завршена. За жал, велат од таму, не сме известени за какви промени станува збор и каква е всушност постапката за враќање на здравствените работници од ПЗУ во ЈЗУ.

Унијата на ЗМСТАС предводени од ЗМСТА – ЗА НАС ќе испратат конкретни барања до министерот Венко Филипче при што ќе бара конкретна постапка за враќање на медицинските сестри од ПЗУ во ЈЗУ; почитување и користење на сите бенефити; и стоп за барањата за преквалификации на сестрите со над 30 години работно искуство.

„Воедно апелираме до надлежните институции, до Лекарската комора на РМ и до сите лекари индивидуално кои знаат дека медицинската сестра е нивната десна рака да заземат став, да понудат решение и гласно да проговорат за свесното обесправување на оваа хумана професија“, велат од ЗМСТА – ЗА НАС.