17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Апсењето на градоначалникот на Ново Село е дефокус од милионскиот криминал во врвот на власта

Градоначалникот на Ново Село не е единствениот функционер на власта за кој постојат сериозни индиции за криминал, сметаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму додаваат дека наместо обиди за дефокусирање од големите криминали, јавноста очекува истраги за сомнителните милионски тендери на Заеви, Анѓушев и Спасовски, поради кои, како што велат, Македонија е на дното на листите за корупција и срам за цела Европа.

„Доколку властите не покренат истраги за милионските тендери во РЕК ‘Битола’ и вмешаноста на камионите на Заеви, милионските тендери на Анѓушев, како и милионскиот тендер за набавка на возила за МВР распишан од Спасовски, ќе се потврдат сомнежите дека ова е само дефокус од милионскиот криминал“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека овој случај само ја покажува криминогеноста на власта, дури и на нејзините најмали пипала.

„Додека ја продаваат државата, се прави огромен криминал, се осиромашуваат граѓаните, а се богатат неколку луѓе блиски до власта“, сметаат од партијата.

Исто така, истакнуваат дека вчера Заев повторно ѝ покажал на целата македонска јавност зошто СДСМ не треба да управува со Република Македонија.

„Од странска телевизија го слушнавме премиерот како се гордее со фактот дека ги исполнил сите грчки црвени линии, што прифатил промена на името, географска одредница и тоа да биде за севкупна употреба. Граѓаните слушнаа дека Заев не го интересира државата. Заев го интересираат само милионските бизниси на неговите фирми“, наведуваат од опозициската партија.

На крајот од соопштението се вели дека Зоран Заев и оваа власт не работат за Република Македонија, туку на штета на државата и нејзините интереси и само за профитот на своите фирми.

„Зоран Заев и СДСМ мора да си заминат. Република Македонија не смее повеќе да биде заложник на овој криминален картел. Државата заслужува подобро“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Спонзорирано: