23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев се сретна со Макрон: За иста Европа се бориме

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вечерва имаше средба со претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, кој како и премиерот Заев, утре ќе учествува во официјалната програма на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија, Република Бугарија.

Заев и Макрон, како што информираат од Владата на РМ, разговарале за актуелни политички теми од интерес на Европската Унија, регионот и Република Македонија, како и за билатералните односи на нашата земја со Република Франција.

Премиерот Заев на средбата истакнал дека Република Македонија и Западен Балкан се менуваат и демонстрираат европски манири.

Тој го информирал Макрон дека Република Македонија продолжува со интензивните и сериозни реформи во правосудството, јавната администрација и во сферата на медиумите и дека сите реформски проекти се спроведуваат во дијалог со опозицијата.

„Моите сограѓани имаат европска иднина и ние, Балканот и ЕУ се бориме за иста Европа. Ве уверуваме дека Република Македонија е успешна приказна на Балканот и заслужува вреднување соодветно на постигнатите резултати. Ги поддржуваме вашите заложби за покохезивна, функционална и поодржлива ЕУ. Лидерството на Франција е мотивација и пример и за Македонија и за регионот“, истакна премиерот Заев на средбата со претседателот на Република Франција, Макрон.

Претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, на средбата истакнал дека Франција со внимание ги следи политичките процеси во регионот и во Република Македонија и посочил дека Македонија и Грција преземаат историска улога со посветеноста во решавањето на прашањето за името, и дека решавањето на овој спор е позитивно и сериозно наследство за Македонија.

Претседателот Макрон рекол дека Франција ќе ја поддржи Македонија во позитивната динамика на спроведувањето на промените во земјата и во забрзување на прогресот на земјата.

Двајцата се согласиле дека е неопходно Западен Балкан да ги зајакнува врските со ЕУ за да се одржи европската перспектива на регионот.

Спонзорирано: