20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ЕБОР заинтересиран да вложи во ветерниците во Миравци

Европската банка за обнова и развој, но и други инвестициски банки, како Европската инвестициска банка, сакаат да учествуваат во финансирањето на изградбата на ветерниците во Миравци и фотоволтаична централа во Осломеј. Ова го истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој учествуваше на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој кои се одржаа во Јордан.

„Во рамките средбите зборувавме со различни меѓународни кредитори за проекти во обновливи извори на енергија бидејќи приоритет на Владата е значајно зголемување на учеството на обновливите извори. Два значајни проекта за кои веќе имаме добиено позитивни сигнали од меѓународните инвестициски институции како ЕБОР и ЕИБ, дека сакаат да учествуваат во нивна реализација, се ветерната електрана Миравци и фотоволтаичната централа Осломеј. Веќе АД ЕЛЕМ работи на придвижување на работите и подготовка на документацијата“, рече Тевдовски.

Тој се обрати на панелот „Зелена инфраструктура“, на кој беа потенцирани придобивките од инвестициите во обновливите извори на енергија и вложувањата во комуналната инфраструктура. „Придобивките се бројни и се однесуваат на економскиот раст, на привлекување приватни инвестиции, за отворањенови работни места, но и секако за животната средина и за здравјето“, рече Тевдовски.

На панелот свое обраќање имаше и претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти. Во контекст на панелот, министерот за финансии најави уште еден крупен проект. „Станува збор за Пречистителната станица Скопје. Проектот би чинел околу 130 милиони евра. Од Европската инвестициска банка, ЕБОР и КфВ имаме добиено потврда за подготвеност од нивна страна да учествуваат во финансиската конструкција и очекуваме тендерирањето за овој проект да почне следната година“, рече Тевдовски.

Министерот за финансии оствари средба и со потпретседателот на ЕБОР, Пјер Хеилброн, како и со директорите за транспорт, енергетика и општински услуги на Банката за обнова и развој.

Спонзорирано: