23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Силен скок на платите на Македонија: Министерката ја соопшти одличната вест за граѓаните

Денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во општина Свети Николе ја презентираше новата мерка за финансиска поддршка за раст на платите во трудоинтензивните фирми за што од Буџетот се издвоени 360 милиони денари.

Пред претставниците од мали фирми од Свети Николе, Штип и Куманово, Царовска појасни дека со оваа мерка дополнително се поттикнува спиралата на севкупниот пораст на платите за работниците во Република Македонија. Министерката посочи дека целта на овие владини мерки е да се овозможи раст на платите, како предуслов за поквалитетен животен стандард, но истовремено да се задржи кондицијата на фирмите и да се подобри продуктивноста на работниците.

Претседателот на Организација на работодавачи Ангел Димитров, со присутните сподели дека покрај мерката која денеска се промовира, важно е да се знае дека и активните мерки за вработување преку АВРМ се подобрени во споредба со минатите години. Голема дополнителна форма на поддршка може да се добие и преку Фондот за иновации, кој финансира и до 70 проценти од проектите и притоа обезбедува бесплатна консултација за подготовка на проекти.

Во рамки на посетата на Свети Николе, министерката Царовска ја посети и фабриката ,,Мода’’ каде со работниците разговараше за условите за работа.

Од МТСП велат дека преку новата мерка државата ќе обезбеди директна финансиска поддршка од 30 проценти од растот на бруто плата на работници, за исплата на повисоки плати до 18.000 денари. Мерката е наменета за фирми кај кои трошоците за вработени сочинуваат повеќе од 50 проценти од вкупните трошоци и не прават високи профити, односно фирми кои имаат добивка како процент од вкупните расходи помала од 10 отсто. Спред пресметките на МТСП околу 15.000 компании и 50.000 работници ги исполнуваат условите за користење на оваа мерка.

Спонзорирано: