13.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Алаѓозовски до Атина: Книгата е градител на мостови за заедничка иднина

Во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска со бројни гости од сферата на литературата и библиотекарството се одржа централна прослава за одбележување на Светскиот ден на книгата и на авторското право. Македонската порака годинава ја испрати министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој рече дека денес го славиме медиумот кој векови наназад овозможува пренесување на универзалните знаења и искуства.

„На овој ден човештвото ја слави слободата, но и борбата за слобода и еманципација во исто време. Во таа вечна борба книгата е еден од најважните столбови на слободата, човековото себепознавање и слободно изразување и комуницирање“, истакна министерот Алаѓозовски.

Во македонската порака за Светскиот ден на книгата, Алаѓозовски нагласи дека книгите го отвораат патот кон заедничка почит и разбирање меѓу народите, независно од границите и различностите.

„Годинава, кога Светска престолнина на книгата е Атина, наша недвосмислена желба е да ја прославуваме книгата заедно, со нашите соседи и со целото човештво, токму во духот на мисијата што таа ја носи како градител на мостови на разбирање и дијалог за создавање заеднички вредности и подобра заедничка иднина“, порача Алаѓозовски.

Централната прослава во НУБ „Св.Климент Охридски“ беше збогатена со програма што ја подготвија студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од Факултетот за драмски уметности, од Факултетот за музичка уметност, Институтот „Конфуциј“ при УКИМ и Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје. Во оваа пригода свое обраќање имаше и амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера. На свеченоста беше прочитана и светската порака што годинава ја испрати генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле.

„Со славење на книгата ние ги славиме: пишувањето, читањето, преведувањето, издавањето со кои човекот се издигнува и се реализира; ние всушност фундаментално ја славиме слободата која нив ги овозможува. Кај книгата се испреплетуваат едни од најважните човекови слободи: слобода на изразувањето и на објавувањето. Овие слободи се фрагилни слободи. Тие се соочени со многу предизвици, од преиспитување на авторското право и на културната разноликост преку закани за физички напади врз авторите, новинарите и издавачите во многу земји, па сè до нивно газење при нападите на училишта и уништувањето на ракописи и на книги. Наша должност е да ги штитиме овие слободи насекаде низ светот, да го промовираме читањето и пишувањето, да се бориме против неписменоста и сиромаштијата и да ги зајакнеме фундаментите за мир, но и да ги заштитиме и да ги истакнеме занаетите поврзани со книгата и со нејзините креатори“, се вели во пораката на Генералниот директор на УНЕСКО.

По повод Светскиот ден на книгата и на авторското право, НУБ „Св.Климент Охридски“ подари книги на здружението за самохрани мајки „Една може“, на Центарот за социјализација на возрасни лица при Општина Центар и на Казнено-поправната установа Затвор –Скопје. Светскиот ден на книгата и на авторското право со посебни настани го одбележуваат НУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола, Тетовската библиотека, библиотеките „Гоце Делчев“ во „Григор Прличев“ од Охрид, Центарот за култура во Крива Паланка, како и библиотеката при Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе и Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино.

Спонзорирано: