„Гугл“ со слика го навести можното име на новиот „Андроид“

„Гугл“ неодамна објави неколку позадини за телефони на делот од својот инстаграм-профил за т.н. кориснички приказни (stories), а еден детаљ им го привлече вниманието на љубителите на технологија.
Иако сите објавени слики беа интересни, една предизвика особено внимание.
Имено, на таа слика беа претставени сладоледи на стапче (на англиски, Popsicle), поради што многумина веруваат дека тоа е јаснен показател дека ова ќе биде името на новата верзија на оперативниот систем за паметни телефони (Android P).
Инаку, „Гугл“ секоја нова верзија на оперативниот систем ја именува со буква од англиската азбука и за новото ажурирање на ред е буквата P. Покрај ова, секоја официјална верзија на „Андроид“ добива и име на некој десерт што почнува на соодветната буква.
Се разбира, објавената слика може да биде и наведување на погрешна трага. Инаку, новата верзија на оперативниот систем „Андроид“ би требало да биде претставена во август, доколку се земе предвид досегашната тенденција на компанијата, новите ажурирања да ги објавува кон крајот на летото.

Во тренд…