Влахутин: Да се осудат криминалните групи во Албанија

Амбасадорот на Европската Унија во Тирана, Романа Влахутин, побара од албанските институции да ги преземат сите мерки за продлабочување на истрагата на сите криминални групи во земјата. Влахутин додаде дека истрагите треба да се однесуваат на сите оние што го кршат законот, без разлика на нивните функции.

Барањето на ЕУ за преземање сите потребни мерки од страна на надлежните институции во Албанија, Влахутин го изнесе денеска во Тирана на конференција посветена на почетокот на европската мисија ПАМЕЦА, која ќе ѝ биде на помош на албанската полицијата. Притоа таа ја изнесе оценката дека во последно време има многубројни активности на полицијата за пресметка со криминалните групи, но таа активност треба да продолжи, а криминалните групи треба да се осудат.

Ова барање на ЕУ за пресметка на институциите во Албанија со криминалните групи доаѓа во момент кога меѓу обвинетите е и ексминистерот за внатрешни работи, Саимир Тахири, еден од најблиските соработници на премиерот Еди Рама, кој е обвинет за соработка со главните криминални банди што се занимаваат со шверц со дрога. Мнозинството во Собранието одби да му го земе имунитетот на Тахири, кој сега е пратеник на Социјалистилчката партија , но јавното обвинителство достави барање за одземање на патната исправа на ексминистерот за внатрешни работи. Медиумите во Тирана спомнуваат дека под истрага деновиве ќе се најдат и други двајца министри во владата на Рама.

К. М.(Makfax)

Во тренд…