4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Во услови на набиена реформска агенда потребна ни е сета помош што ни стои на располагање

Денеска, во просториите на Владата на Република Македонија заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, одржа донаторски состанок на кој присуствуваа амбасадори и претставници на меѓународните организации од донаторската заедница во земјата.

Целта на состанокот беше да се постигне договор и разбирање за придонесот на донаторите во процесот на креирање, спроведување и следење на секторските национални политики и европска интеграција на земјата.

Во своето обраќање вицепремиерот изрази благодарност и признание за големата посветеност на донаторската заедница во Република Македонија, која придонесува за поддршката на политичкиот, демократскиот и на економскиот развој на земјата.

„Во време на брзи промени потребна ни е целата помош што ни е ставена на располагање и затоа за нас нема голем и мал донатор, туку секој донатор е важен во услови на амбициозната агенда на Владата на РМ“, изјави Османи при воведното обраќање.

Во продолжение Османи се осврна и на новите потенцијали во согласност со пораките содржани во новата стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западен Балкан до 2025 година, односно на придобивките од неа што ѝ следуваат на Република Македонија уште во пристапниот период. Тој изрази уверување дека администрацијата подготвено ќе ги дочека зголемените средства за здравството, образованието, инфраструктурата, дигиталната агенда, поддршката за бизнисот итн. и ќе го адаптира капацитетот на апсорпција соодветно на новите потенцијали како важен сегмент за конвергенција на сите општествени слоеви во Република Македонија со оние на земјите членки на Унијата.

Донаторскиот состанок е дел од серијата состаноци со донаторите на ниво на секторските работни групи, но и на високо политичко ниво и воедно претставува форум каде што,од една страна, националните институции може да ги презентираат своите приоритети за кои имаат потреба од донации, а од друга, донаторите може да ги презентираат своите програми/стратегии како потенцијали за постигнување конкретни резултати кои се од заеднички интерес.