Град Скопје ќе продолжи со чистење како мерка против загадувањето

Градот Скопје како дел од краткорочните мерки за намалување на загадувањето ќе го продолжи чистењето на градот, а следниве неколку денови ќе се чисти територијата на општина Карпош.

„Една од причините за загадување на воздухот е отпадот во парковите. Ова е продолжение на акцијата за чистење, која беше спроведена изминатиот месец во Чаир, Бутел и во Шуто Оризари како реони каде што најголем број од домаќинствата се греат на дрва, чие согорување го зголемува количеството на ПМ 10-честички во воздухот“, изјави претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

Градот Скопје преку Секторот за комунални работи и ЈП „Паркови и зеленило“, поради поволните временски услови, ја почна и реализацијата на програмата за подигање и реконструкција на јавното зеленило на подрачјето на град Скопје.

„Паралелно со чистењето, на следниве локации работиме и на зазеленување на парковите, реконструкции на тревни површини и реконструкција на системите за наводнување и поставување нови на места каде што никогаш немало поставено прскалки. Па, така, се реконструираат тревните површини во Градскиот парк на две локации: езерцето кај стадионот и површината спроти паркингот пред „Фонтана“ и влезот во Градскиот парк, како и тревната површина на кејот на реката Вардар и зелената површина зад МКЦ. Хортикултурно се уредува јавна површина и се подига нова парковска површина на булеварот Втора македонска бригада, булеварот Македонско-косовска бригада, булеварот Христијан Тодоровски – Карпош и на улицата Самуилова, посочи Љубица Јанчева.

Таа нагласи дека приоритет на Градот е подобрување на животната средина, а тоа ќе го постигнат со надоместување на изгубеното зеленило и дополнително зголемување на парковите и дрворедите во сите општини во градот.

Акцијата ја изведува градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“. Кон крајот на минатата година Градот Скопје организира чистење и беа отстранети над 3.000 кубни метри смет од парковите и улиците во Скопје. Целиме ваквото чистење да прерасне во редовна пракса и зеленилото и улиците во градот да бидат постојано чисти.

Во тренд…