10.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СПОРТ

Отворени Зимските олимписки игри, двете Кореи дефилираа под едно знаме

Зимските олимписки игри беа отворени со раскошна двочасовна церемонија во Пјонгчанг, во Јужна Кореја. Речиси 3.000 спортисти од 92 земји продефилираа на свеченото отворање, а сите очи беа вперени во Северна и Јужна Кореја, кои годинава на отворањето дефилираа под исто знаме. Историски ќе биде и настапот на женскиот тим во хокеј, кој ќе биде составен од спортистки од Јужна и Северна Кореја.

Отворањето на игрите беше проследено со огромен интерес не само од страна на љубителите на спортот туку и од политичките аналитичари.

За настанот во јужнокорејскиот град пристигна висока делегација на Пјонгјанг, предводена од помалата сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Нејзиното присуство на отворањето на Игрите беше протолкувано како јасен сигнал за мировната иницијатива што Пјонгјанг ја најави пред неколку недели. Ова е прва посета од ваков вид на член на владејачкото семејство во Пјонгјанг по поделбата на полуостровот.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, кој пристигна од Јапонија во Јужна Кореја за отворањето на Олимписките игри, пред само неколку дена вети нови санкции против Северна Кореја. Пенс, сепак, изјави дека не ја исклучува можноста за средба со севернокорејската делегација на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја оваа недела прецизирајќи дека таа не е однапред договорена. За возврат од Пјонгјанг беа категорични дека немаат намера да се сретнат со американските власти за време на посетата во Јужна Кореја.

Иронично, сепак, американскиот потпретседател беше на само неколку чекори од севернокорејската делегација на церемонијата на отворањето на Игрите. Пенс и неговата сопруга Карен седнаа точно пред Севернокорејците, вклучувајќи ја и сестрата на лидерот на Пјонгјанг. Од прес-службата на Пенс потенцираа дека за време на церемонијата во Пјонгчанг немало интеракција меѓу потпретседателот на САД и севернокорејската делегација.

Отворањето го одбележаа и судири меѓу полицијата и демонстрантите во близина на стадионот. Јужнокорејските демонстранти побараа од САД да ја бомбардира Северна Кореја.

Во следните 17 дена 2.952 спортисти од 92 држави ќе се борат за освојување на медалите во 102 дисциплини во 15 спортови. Е.Т.

Спонзорирано: